четврток, 19 февруари 2026

Советот за безбедност на ОН повика на прекин на огнот во Газа, го искритикува Израел за проширувањето на контролата на Западен Брег

Членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации вчера повикаа договорот за прекин на огнот во Газа да стане траен и остро ги критикуваа напорите на Израел да ја прошири контролата на Западниот Брег како закана за изгледите за решение со две држави, во пресрет на првиот состанок на Одборот за мир на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, на кој ќе се разговара за иднината на палестинските територии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Седницата на високо ниво во Обединетите нации во Њујорк првично беше закажана за денес, но итно беше поместена за еден ден порано бидејќи Трамп најави состанок на својот одбор за истиот ден, па стана јасно дека тоа ќе ги искомплицира плановите за патување на дипломатите што планираа да присуствуваат на двата настани. Тоа е знак за можност од преклопување и судир на агендите на најмоќното тело на Обединетите нации и новата иницијатива на Трамп, чии пошироки амбиции да посредува во глобалните конфликти предизвикаа загриженост во некои земји дека би можела да се обиде да му парира на Советот за безбедност.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека постои можност најмоќното тело на Обединетите нации да помогне во изградбата на „подобра иднина“ за Израелците и Палестинците и покрај „циклусот на насилство и страдање“ за време на двегодишната војна меѓу Израел и Хамас.

„Газа не смее да биде заглавена во ничија земја — меѓу мирот и војната“, рече Купер отворајќи го состанокот.

Покрај Велика Британија, на месечниот блискоисточен состанок на 15-члениот Совет присуствуваа министрите за надворешни работи на Израел, Јордан, Египет и Индонезија, откако многу арапски и исламски земји минатата недела побараа да се разговара за Газа и за спорниот израелски проект за населување на Западниот Брег пред некои од нив да заминат во Вашингтон на состанокот на Одборот на Трамп.

„Израелската анексија на Западниот Брег е кршење на Повелбата на Обединетите нации и на најосновните правила на меѓународното право“, рече палестинскиот амбасадор во Обединетите нации Ријад Мансур. „Тоа е и кршење на планот на претседателот Трамп и претставува егзистенцијална закана за тековните мировни напори“, додаде тој.

Министерот за надворешни работи на Израел Гидеон Сар изјави пред седницата дека таа не привлекува внимание и дека фокусот на меѓународната јавност ќе биде на состанокот на Одборот на Трамп.

Сар го обвини Советот за безбедност дека е „заразен од антиизраелска опсесија“ и инсистираше дека ниту една нација нема посилно право од „историското и документирано право на Израел на библиската земја“.

Одборот, со кој ќе претседава Трамп, првично беше замислен како мала група светски лидери што ќе го надгледуваат неговиот план од 20 точки за иднината на Газа. Но новата визија на републиканскиот претседател од Одборот да направи посредник во светските конфликти доведе до скептицизам кај главните сојузници.

Иако повеќе од 20 земји досега го прифатија повикот да му се приклучат на Одборот, блиските американски партнери, вклучително Франција, Германија и други, одлучија засега да не се приклучат и ја обновија поддршката за Обединетите нации, кои исто така се наоѓаат во процес на големи реформи и намалување на финансирањето.

Мајк Волц, амбасадор на САД во Обединетите нации, изгледа ги критикуваше земјите што сè уште не се приклучиле на Одборот за мир, велејќи дека, за разлика од Советот за безбедност, Одборот „не зборува, туку дејствува“.

„Слушаме една брблива класа што ја критикува структурата на Одборот како неконвенционална и без преседан“, рече Волц и додаде дека „старите начини не функционираат“.

Советот за безбедност се состана ден откако речиси сите негови 15 членки — без Соединетите Американски Држави — и десетици други дипломати му се придружија на палестинскиот амбасадор Мансур додека читаше соопштение во име на 80 држави и неколку организации со кое се осудуваат најновите израелски акции на Западниот Брег, барајќи итна промена и нагласувајќи „силно противење на секоја форма на анексија“.

Во последните недели Израел започна спорен процес на регулирање на земјиштето што ќе ја продлабочи неговата контрола на окупираниот Западен Брег. Израелскиот министер за енергетика Ели Коен рече дека тоа претставува „де факто суверенитет“ што ќе го блокира воспоставувањето палестинска држава.

Огорчените Палестинци, арапските земји и организациите за човекови права ги нарекоа овие потези незаконска анексија на територија на која живеат околу 3,4 милиони Палестинци и која тие ја бараат за своја идна држава.

Состанокот на Обединетите нации му беше посветен и на договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, кој стапи во сила на 10 октомври.

Шефицата на Обединетите нации за политички прашања Розмари Дикарло и претставници на израелското и палестинското граѓанско општество одржаа брифинзи, првпат од нападите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, кои ја започнаа војната.

„Претседателот Трамп зборуваше за златна ера за Блискиот Исток. Таа иднина е можна и може да се отклучи само со решавање на израелско-палестинскиот конфликт, со отстранување на централниот двигател на нестабилноста и горивото за радикализација“, предупреди Хиба Касас, Палестинка и основачка и извршна директорка на Фондацијата „Принципи за мир“ со седиште во Женева.

Поранешниот израелски дипломат Надав Тамир, извршен директор на организацијата „Џеј стрит Израел“, го повтори тоа, велејќи дека силна коалиција од Израелци и Палестинци верува дека единствениот начин да се заврши конфликтот е решението со две држави.

„Израел не може да остане демократска татковина на еврејскиот народ ако на Палестинците им се ускрати нивна сопствена татковина. Нашата иднина е меѓусебно зависна“, рече Тамир.

Дикарло од Обединетите нации изјави дека ова е „клучен момент на Блискиот Исток“ што отвора можност регионот да тргне во нов правец. „Но тоа отворање не е ниту сигурно ниту неограничено“, рече таа, додавајќи дека ќе зависи од одлуките во наредните недели.

„Нашите заеднички напори сега мора да го консолидираат примирјето во Газа и да го ублажат страдањето на населението“, рече таа.

Таа додаде дека е „потребен конкретен напредок кон стабилизација и закрепнување, во согласност со меѓународното право, за да се постават темелите за траен мир. Состанокот на Одборот за мир во Вашингтон в четврток е важен чекор“.

Спроведувањето на договорот за примирје напредува, вклучително и ослободувањето на сите заложници што ги држеше Хамас и зголемување на хуманитарната помош што пристигнува во Газа, иако Обединетите нации велат дека тоа е недоволно. Назначен е нов технократски комитет за управување со секојдневните работи во Газа.

Но најтешките чекори допрва претстојат, вклучително распоредување меѓународни безбедносни сили, разоружување на Хамас и обнова на Газа.

Трамп оваа недела рече дека членките на Одборот за мир ветиле пет милијарди долари за обнова на Газа и дека ќе обезбедат илјадници луѓе за меѓународни стабилизациски и полициски сили за таа територија. Не даде детали.

Индонезија изјави дека очекува до крајот на јуни да има подготвени до 8.000 свои војници за можен ангажман во Газа како дел од хуманитарна и мировна мисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ