Легалноста на американската воена акција во која беше заробен претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, денес е во фокусот на Обединетите нации, но малку е веројатно дека Вашингтон ќе се соочи со остри критики од сојузниците или ќе биде повикан на одговорност во Советот за безбедност.
Русија, Кина и другите сојузници на Венецуела ги обвинија САД за кршење на меѓународното право, но американските сојузници, од кои многумина се противници на Мадуро, беа значително повоздржани во изразувањето загриженост поради употребата на воена сила во Венецуела.
„Судејќи според досегашните реакции на европските лидери, претпоставувам дека американските сојузници во Советот за безбедност на ОН вешто ќе избегнуваат јасен став“, изјави Ричард Гован, директор за глобални прашања и институции во Меѓународната кризна група, пренесува Ројтерс.
Агенцијата потсетува дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека американската операција поставува „опасен преседан“ и дека многу правни експерти исто така оценуваат дека акцијата на САД била незаконска, но додава дека Вашингтон ќе може да го блокира секој обид на Советот за безбедност на ОН да го повика на одговорност.
По американската операција, европските држави главно повикаа на почитување на меѓународното право, но без директно обвинување на Вашингтон, иако францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека САД го прекршиле „принципот на неупотреба на сила, кој е темел на меѓународното право“.
Повелбата на Обединетите нации прецизира дека земјите членки „се воздржуваат во своите меѓународни односи од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“.
Американскиот амбасадор при ОН, Мајк Волц, вчера се повика на членот 51 од Повелбата на ОН, кој наведува дека ништо „нема да го наруши природното право на индивидуална или колективна самоодбрана ако дојде до оружен напад врз некоја членка на Обединетите нации“.
„Во овој случај имате наркобос, нелегитимен лидер обвинет во Соединетите Американски Држави, кој соработува со Кина, Русија, Иран и терористички групи како Хезболах, и кој внесува дрога, криминалци и оружје во Соединетите Американски Држави, заканувајќи се дека ќе ги нападне своите соседи“, изјави тој за Фокс њуз.
Меѓутоа, правните експерти тврдат дека американската операција била незаконска затоа што немала одобрување од Советот за безбедност на ОН, не била спроведена со согласност на Венецуела и не може да се смета за самоодбрана од оружен напад, наведува Ројтерс.
„Оваа акција го прекрши меѓународното право“, изјави Том Даненбаум, професор на Правниот факултет на Универзитетот Стенфорд. „Сериозните правни забелешки кон режимот на Мадуро не ја укинуваат потребата од правна основа за употреба на воена сила во Венецуела“, додаде тој.
Сепак, Вашингтон не може да биде повикан на одговорност пред Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, бидејќи САД како постојана членка располагаат со право на вето, заедно со Русија, Кина, Велика Британија и Франција, и можат да ја блокираат секоја одлука.
Мадуро беше обвинет во САД во 2020 година, меѓу другото, за заговор во рамките на нарко-тероризам. Тој од самиот почеток негира каква било вмешаност во криминални активности.
„Дури и ако Мадуро бил одговорен за шверцување одредено количество дрога во САД, таквото шверцување не претставува оружен напад и не им дава право на Соединетите Американски Држави да користат сила во самоодбрана“, изјави Милена Стерио, професорка по право на Државниот универзитет во Кливленд.
Таа исто така наведе дека Вашингтон „не може да врши екстериторијална јурисдикција и да апси поединци каде што ќе посака“.
Адил Хак, професор по право на Универзитетот Ратгерс, изјави дека американското апсење на Мадуро „претставува незаконско кршење на неповредливоста и имунитетот на актуелен шеф на држава, кој можеби нема демократски легитимитет, но неоспорно ги извршувал официјалните должности во име на својата држава“.






