недела, 13 април 2025

Советникот на Трамп за ЕУ: Нулта царина не е доволна, опуштете ги прописите за безбедност на храната

Европската унија ќе треба да ги намали своите нецарински бариери, вклучително и оние создадени од даноците на додадена вредност, ако сака да постигне договор за намалување на американските царини наметнати од претседателот Трамп, изјави советникот за трговија во Белата куќа, Питер Наваро.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Наваро изјави за Си-ен-би-си дека подготвеноста на ЕУ да преговара со Трамп за намалување на царините е само „добар, мал почеток“, но дека нецаринските бариери, кои вклучуваат прописи за безбедност на храната, се „по редот на големина“ поважни од царините.

Неговата изјава дојде откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на прес-конференција во Брисел рече дека ЕУ е подготвена да преговара за договор за царини „нула за нула“ со САД за индустриски стоки. Министрите на ЕУ се согласија дека преговорите треба да имаат приоритет пред одмаздата.

„Би ѝ порачал на Европската унија да биде многу внимателна кога дава такви најави и да ни каже дали ќе ги намалат своите нецарински бариери“, изјави Наваро.

„Европска унијо, укинете го вашиот 19 отсто ДДВ. Европска унија, почитувајте ги одлуките на Светската трговска организација да ни дозволи да го продаваме нашето свинско месо, нашата пченка, нашето говедско месо“ во земјите на ЕУ, рече Наваро, клучен архитект на масовната царинска офанзива на Трамп.

Тој, исто така, рече дека нетарифните бариери се проблем за трговијата на Соединетите Држави со голем број земји, вклучувајќи го и Виетнам, кој има растечки трговски суфицит со САД, делумно поради преместувањето на синџирите на снабдување подалеку од Кина.

„Значи, кога ќе прашате дали сме подготвени да преговараме, претседателот секогаш ќе ве сослуша. Но, ајде да се обидеме да видиме што е проблемот кога имате земја како Виетнам, да го земеме Виетнам на пример. Кога ќе дојдат кај нас и ќе кажат „одиме на нула царини“, тоа не ни значи ништо бидејќи нетарифните бариери се важни“, рече Наваро, „сите оние мерки што не се поврзани со увоз или извоз на стоки, односно царински давачки.

Тој, исто така, ја бранеше методологијата на Советот на економски советници на Белата куќа што се користеше за пресметување на царините од 46 отсто за виетнамски стоки и царините од 20 отсто за стоките од ЕУ, велејќи дека е „совршено здрава“ и покрај тоа што е исмевана од врвни економски експерти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ