Според изворот, главните спорови се однесуваат на начинот на кој се дистрибуира хуманитарната помош за време на прекинот на огнот и на одбивањето на Израел да ја повлече својата војска од окупираните делови на Газа.
Во исто време, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е во посета на Соединетите Американски Држави, а надежите за договор се зголемија по неговата втора, ненајавена средба со американскиот претседател Доналд Трамп синоќа.
Нетанјаху изјави во средата дека разговорот со Трамп се фокусирал на напорите за ослободување на заложниците кои сè уште ги држи Хамас во Газа. „Нема да попуштиме ниту за момент“, кажа Нетанјаху. „Нашите цели се јасни: ослободување на сите заложници – живи и мртви – и уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас, така што Газа никогаш повеќе нема да претставува закана за Израел.“
Израел вели дека уште 50 заложници сè уште се држат, од кои се верува дека околу 20 се сè уште живи.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, во вторникот изјави дека на разговорите во Доха останала само „една отворена точка“ и изрази надеж дека до крајот на неделата може да се постигне договор за 60-дневно примирје. „Имавме четири спорни прашања, а сега ни остана само едно. Оптимисти сме“, рече Виткоф.
Но, и покрај оптимизмот на администрацијата на Трамп, палестинскиот извор вели дека преговорите остануваат блокирани. Според тој извор, израелската делегација одбива да дозволи неограничен влез на хуманитарна помош во Газа преку Обединетите нации и други меѓународни организации. Наместо тоа, Израел инсистира на користење на таканаречената Хуманитарна фондација за Газа (ГХФ) – механизам кој го користат приватни безбедносни компании и ја заобиколува ОН. Палестинската страна го нарекува тој систем „понижувачки“.
Исто така, Израел продолжува да ги отфрла повиците за повлекување на своите сили од територијата на Газа, која ја окупираше по 18 март, кога претходното примирје беше прекршено и офанзивата продолжи.
Портпаролот на министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал Ансари, во вторникот изјави дека е потребно повеќе време за напредок во преговорите: „Не можам да дадам точна временска рамка, но е јасно дека ни треба повеќе време“.
Според достапните информации, сегашниот предлог предвидува 60-дневно примирје за време на кое Хамас би предал 28 заложници во фази – 10 живи и 18 мртви. За возврат, Израел би ослободил голем број палестински затвореници.
Испораката на хуманитарна помош во Газа би се зголемила значително. На првиот ден од прекинот на огнот, по враќањето на осумте живи заложници, израелските сили би се повлекле од делови од северна Газа. По седмиот ден, би имало повлекување од делови на југот. На десеттиот ден, Хамас треба да даде информации за преостанатите живи заложници, додека Израел би објавил информации за повеќе од 2.000 Палестинци уапсени за време на војната.
Но, додека преговорите траат во Доха, израелската војска продолжува со воздушните напади.
Според Цивилната одбрана, предводена од Хамас, најмалку 20 лица се убиени во ноќните израелски напади врз шаторска населба во јужен Кан Јунис и куќа во бегалскиот камп Ал шати северозападно од градот Газа. Израелската армија сè уште не ги коментирала овие обвинувања.
Војната во Газа трае веќе 21 месец, откако Хамас упадна во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беа земено како заложници.
Оттогаш, повеќе од 57 илјади Палестинци се убиени во израелските напади во Газа, главно жени и деца. Поголемиот дел од населението е раселено неколку пати, над 90 отсто од домовите се оштетени или уништени, а здравствените објекти, водоснабдувањето, канализацијата и хигиенските системи се во колапс. Постои недостиг од храна, гориво, лекови и засолниште.






