Внатрешните тензии, кои излегоа на виделина на четвртата годишнина од почетокот на конфликтот, се удар врз напорите на Украина да ја заврши војната, оценува британскиот весник. Во вторникот украинскиот претседател Володимир Зеленски беше домаќин на десетина европски лидери во Киев за да ја одбележат четиригодишнината од почетокот на војната.
Тој учествуваше и на виртуелен состанок на Коалицијата на спремните, со кој претседаваа Кир Стармер и Емануел Макрон, каде што беа дискутирани мировните преговори. За време на трите рунди директни преговори за прекин на огнот, украинските и руските претставници не успеаја да постигнат напредок. Рускиот претседател Владимир Путин одбива да се откаже од барањето Украина да ја отстапи територијата на источниот регион Донбас што не е под контрола на руските сили.
Европски извори запознаени со разговорите тврдат дека повоените безбедносни гаранции се исто така камен на сопнување. Обединетото Кралство и Франција ветија дека ќе испратат војници и оружје во Украина како дел од планот за завршување на војната и одвраќање од идни инвазии.
Најмалку 26 земји од Коалицијата на спремните, која вклучува повеќе земји-членки на Европската Унија, Турција, Норвешка и Исланд, објавија дека ќе помогнат во мисијата. Сепак, висок дипломатски извор рече дека слушнал од претставници на земјите дека „тие ќе испратат војници само со руска согласност“.
Постои страв дека без согласност од Путин секоја европска сила би можела да се смета за легитимна воена цел. „Ако Русија каже дека не се согласува со тоа и ги смета тие војници за цел, тогаш мора да испратите различен вид сила“, кажал изворот. „Значи, дали Русија се согласува со тоа или не, има огромно влијание врз сите“. Друг дипломатски извор сугерира дека европските влади, кои бараат место на преговарачката маса, во суштина му дале на Путин право на вето врз плановите на Коалицијата.
Киев соопшти дека ќе ја заврши војната само со доволни безбедносни гаранции и од САД и од европските сојузници. Континенталните лидери, вклучувајќи го и Стармер, изјавија дека би биле подготвени да испратат мировни сили во Украина и да помогнат во обезбедувањето на воздушниот и морскиот простор, со американска разузнавачка и логистичка поддршка. Но, тоа доведе до спојување на дискусијата за безбедносните гаранции со разговорите за прекин на огнот меѓу Киев и Москва, на кои посредуваат Соединетите Американски Држави.
„Бидејќи сега се занимаваме со истите преговори, Русија мора да се согласи со тие безбедносни гаранции, односно со трупите на терен“, кажал изворот. Европски извор од одбраната го опишал потенцијалното распоредување како „прилично хипотетичко“ поради долгогодишното противење на Путин на стационирање трупи на НАТО во Украина.
Оригиналниот мировен план од 28 точки, изготвен од руски и американски претставници, ја исклучуваше можноста за користење трупи од Западната алијанса за мировни операции. Таа клаузула беше отстранета од најновиот план од 20 точки, ревидиран по разговорите на САД со украински и европски претставници.
Кремљ често предупредува дека сите европски трупи во Украина ќе се сметаат за легитимна цел. Подгревајќи ги тие стравувања, руската служба за надворешно разузнавање во вторникот ги обвини Британија и Франција дека се подготвуваат да испратат нуклеарно оружје во Киев. Јуриј Ушаков, висок помошник во Кремљ, изјави дека ќе го отвори прашањето со Вашингтон, што може да се протолкува како обид за саботирање на мировните преговори.
Во заедничка изјава на Коалицијата на спремните објавена во вторникот, лидерите на Британија, Франција и Германија ветија дека ќе „го зголемат економскиот притисок врз Русија, вклучително и преку дополнителни санкции“. Британија го објави својот најголем пакет санкции против Москва од почетокот на војната, насочени кон приходите од енергија и клучните добавувачи на воена опрема.






