Млазниот борбен авион, кој западните аналитичари го нарекоа Ј-36, е снимен како прелетува преку автопат во близина на пистата на компанијата Ченгду еркрафт индустри груп во провинцијата Сечуан.
Станува збор за фабриката за која се верува дека го произведува футуристичкиот авион.
Авионот е борбено летало од шестата генерација, радарски невидлив ловец кој има таканаречена стелт технологија и уште е во фаза на тестирање, а експертите оценуваат дека може да станува збор за најсофистицираниот борбен авион со екипаж досега.
J-36 pic.twitter.com/PJ1Thqt4tZ
— Sweet Clay (@Clay_PLAPAP) April 7, 2025
Ј-36 веќе со месеци предизвикува голем интерес поради шпекулациите за неговите можности, а првпат беше снимен во лет на крајот на декември. Си-ен-ен го цитира воениот експерт Давид Сенсиоти, поранешен офицер на италијанското воено воздухопловство, кој ја анализирал снимката од шест секунди за сајтот Ејвиејшнист и дал детален увид во дизајнот на мистериозниот тримоторен авион.
Тој, меѓу другото, истакнува дека дизајнот на леталото отстапува од конвенционалната конфигурација кај повеќето современи ловци, а дека просторот на трупот на авионот сугерира повеќе простор за вооружување како ракети со долг дострел. Фактот што има три мотори веројатно му овозможува да достигне надзвучна брзина и да има голем дострел без дополнување гориво. Се проценува дека авионот е долг околу 22 метри, со распон на крилата од околу 20 метри.
Аналитичарите не можат да се сложат дали појавувањето на снимката на социјалните мрежи е случајно или намерна демонстрација на моќ на кинеските власти, имајќи предвид дека тие многу строго ги контролираат информациите за воениот напредок. „Случајниот“ лет над автопатот би можел, според проценките, да биде намерен сигнал во момент на сериозна ескалација меѓу Кина и Соединетите Американски Држави.
Со Ј-36 Пекинг би можел да се најде пред САД во трката за ловец од шестата генерација, во време кога авионите од петтата генерација се сè уште ретки, со само пет – американските Ф-22 и Ф35, кинеските Ј-20С и Ј-35 и рускиот Су-57. Си-ен-ен, меѓутоа, потсетува дека ни Ј-20 ни Ј-35 немаат докажано борбено искуство и ефикасност како двата американски ловци.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави минатиот месец дека Боунг го доби договорот за производство на ловецот од шестата генерација, наречен Ф-47, и дека неговите прототипи веќе пет години изведуваат пробни летови. Меѓутоа, не е прецизирано кога Ф-47 би можел да влезе во употреба.
Истовремено, покрај Ј-36, Кина работи на уште еден млазен авион од шестата генерација, кој аналитичарите го нарекуваат Ј-КСКС или Ј-50. Фотографии од тој авион исто така се појавија на интернет пред неколку месеци.
Државниот медиум Глобал тајмс потоа објави напис во кој воени експерти велат дека „Кина, ако фотографиите се автентични, забрзано напредува на полето на борбените авиони од шестата генерација“.