Во центарот на истрагата е Фабрис Аидан, француски дипломат, кој од 2006 до 2013 година служел при Обединетите нации, а подоцна работел во споменатата банка. Неговото име се појавило во повеќе од 200 документи објавени од американското Министерство за правда, вклучително и електронски пораки што наводно му ги испраќал на Епстин меѓу 2010 и 2016 година од своите лични и од адресите на Обединетите нации.
Некои од електронските пораки во кои имал увид Ројтерс покажуваат дека Аидан во тој период му препраќал на Епстин извештаи од брифинзи на Советот за безбедност на Обединетите нации и други доверливи документи. Аидан негирал какви било неправилности, а неговиот адвокат не бил веднаш достапен за коментар.
Француското министерство за надворешни работи соопшти дека спровело интерна истрага во рамките на која биле извршени триесетина разговори. Од министерството порачаа дека сите повикани сегашни и поранешни вработени соработувале, додавајќи дека им стојат на располагање на правосудните органи и дека разгледуваат покренување дисциплинска постапка.
Претресот на канцелариите на банката бил извршен во петокот, а на него присутна била и Аријан де Ротшилд, директорка на швајцарската банка, рекол извор близок до банката. Истиот извор навел дека Едмонд де Ротшилд целосно соработува со правосудството во истрагата што ја води финансиското обвинителство.
Додал и дека интерната истрага била покрената веднаш штом се појавиле сомневањата поврзани со поранешниот вработен, кој во банката работел од 2014 до 2016 година. Портпаролот на банката одбил да даде коментар. Истрагата ја водат службеници од францускиот централен уред за борба против корупција и финансиски и даночни прекршоци. Тие кон крајот на февруари извршиле доброволен разговор со Аидан.
Канцеларијата на францускиот финансиски обвинител соопшти дека истражува обвинувања за пасивна корупција на странски јавен службеник и соучесништво во тоа кривично дело, а истрагата е особено насочена кон Аидан.
На прашањето дали се истражуваат врските на Епстин со банката Едмонд де Ротшилд, швајцарскиот финансиски регулатор Финма одговорил дека во рамките на своите надзорни активности ги зема предвид сите веродостојни информации и спроведува детални проверки доколку посомнева во законитоста на работењето.
Швајцарските сојузни обвинители не одговориле веднаш на прашањето дали и тие водат истрага. Портпарол на обвинителството во Женева исто така одбил да коментира дали во тој град се преземени какви било мерки.
Името на Аријан де Ротшилд исто така се појави во документите што во јануари ги објави американското Министерство за правда. Документите покажаа дека таа со Епстин со години одржувала лична кореспонденција пред неговото апсење во 2019 година.
По објавувањето на тие документи, портпарол на банката изјави дека Епстин бил деловен познаник на госпоѓата Де Ротшилд од 2013 до 2019 година. Додаде дека таа немала сознанија за однесувањето на Епстин.






