Земјата е непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, чиј мандат истекува на 31 декември, и ова е втор пат да претседава со ова тело на ОН во рамките на тој мандат.
„Минатата година разменивме мислења за иднината на ОН. Оваа година ќе се фокусираме на улогата на следниот генерален секретар“, кажа словенечкиот амбасадор Самуел Жбогар, алудирајќи на процесот на избор на нов генерален секретар за кој се очекува да го наследи Антонио Гутереш на таа позиција.
Процесот на избор на наследник на Антонио Гутереш официјално почна минатиот вторник, а изборите се закажани за следната година. Според СТА, многу земји-членки, вклучително и Словенија, сметаат дека е дојдено време жена да ја предводи организацијата.
Се очекува Советот за безбедност да разговара, меѓу другото, за ситуацијата во Украина, ситуацијата на Блискиот Исток и Авганистан, како и за одредени кризи во Африка.
Како што објави Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, министерката Тања Фајон ќе претседава со две сесии во декември – на 8 декември за партнерска соработка меѓу ОН и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, за ситуацијата во Авганистан, со посебен акцент на положбата на жените.
Словенечкото министерство објави и дека прашањето за Палестина ќе биде на дневен ред на редовниот месечен состанок за нелегалните израелски населби на Западниот Брег.
Словенија ќе го заврши својот двегодишен мандат во Советот за безбедност на крајот на месецот, а Министерството за надворешни работи го оценува како успешен.






