Во интервју за Си-ен-ен Голоб го изрази своето разбирање за ставовите и фрустрациите на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Добро ја разбирам фрустрацијата која ја изрази претседателот Зеленски. Ја знам нејзината изворна причина и тоа не е ништо ново“, кажа словенечкиот премиер.
Тој зборуваше позитивно и за неодамнешниот одговор на Европската Унија на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ги зголеми царините за сојузниците на НАТО и ќе го анектира Гренланд од Данска.
„Европа е силна само кога е обединета. Во последната недела, Европа конечно го покажа својот рбет“, кажа Голоб, истакнувајќи дека ја поддржува одлуката на НАТО да го издржи притисокот и да се спротивстави на барањата на Трамп.
Голоб, заедно со британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, се придружија на мнозинството европски лидери кои ја отфрлија поканата на Трамп да учествуваат во новоформираниот Одбор за мир.
На прашањето за идејата на Трамп дека одборот треба да работи во соработка со Обединетите нации, Голоб кажа: „Не може да постои никаков механизам кој би бил паралелен со Обединетите нации“.
Зборувајќи за иднината на НАТО, словенечкиот премиер предупреди дека, иако линијата која би значела распуштање на Алијансата сè уште не е премината, неодамнешните настани го доведоа НАТО „опасно блиску“ до тоа сценарио.
И покрај ова, Голоб останува оптимист. „Ние, сојузниците, сè уште имаме време да седнеме на маса и да разговараме едни со други искрено, отворено, можеби дури и гласно. Но, потоа да најдеме заеднички пат напред“, заклучи тој.






