четврток, 19 февруари 2026

Словенечката влада објави споредба со Хрватска (ФОТО)

Хрватска ја престигнала Словенија во однос на платите прилагодени според куповната моќ, со што се сменила ситуацијата од 2022 година кога просекот во Словенија бил значително повисок, според словенечкиот портал Фајненс. Според анализата, просечната плата според паритетот на куповната моќ во Хрватска минатата година, во 2025 година, достигнала 2.036 евра, додека во Словенија изнесувала 1.792 евра.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За споредба, во 2022 година тој сооднос изнесувал 730 евра во Хрватска наспроти 1.378 евра во Словенија. Фајненс го наведува помалото даночно оптоварување на платите во Хрватска како клучна причина за овој пресврт.

На тие објави реагираше словенечката влада, која објави своја споредба на статистичките податоци на двете земји на својот официјален профил на Тикток.

Според нивните податоци, просечната нето плата во Словенија е 1.626,80 евра, додека во Хрватска е 1.498 евра. Покрај тоа, словенечките работници добиваат надомест за храна ослободен од данок од 160 евра месечно. Во Хрватска, истакнуваат тие, таква законска обврска не постои, но постои можност за исплата од 1.200 евра годишно плаќање без данок.

Слична е ситуацијата и со надоместокот за превоз. Во Словенија тој се додава на приходите без данок, додека во Хрватска, пишуваат тие, тоа не е законска обврска, но може да се исплати без данок во износ на цената на јавниот превоз.

Словенечката влада наведува дека надоместокот за одмор во нивната земја изнесува 1277,72 евра, додека во Хрватска не е законски задолжителен, но може да се исплати како неоданочлив приход до 700 евра годишно, што вклучува бонуси и награди.

Како друга предност, тие го посочуваат надоместокот за мајчинство во полн износ на плата, кој во Словенија се исплаќа 12 месеци, додека во Хрватска тоа е случај само за првите шест месеци.

Инфлацијата во Словенија е 2,6 проценти, а во Хрватска 3,8 проценти. Пресметани се и стапките на ДДВ, кои во Словенија се 22 проценти, 9,5 проценти, 5 проценти и нула проценти, додека во Хрватска се 25 проценти, 13 проценти, 5 проценти и нула проценти.

На крајот, тие ги наведуваат и податоците за БДП по жител според паритетот на куповната моќ, кој во Словенија достигнува 90 проценти од просекот на ЕУ, додека во Хрватска е на 78 проценти од просекот на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ