Министерството за надворешни и европски работи на Словенија објави на социјалната мрежа Икс дека министерката Фајон учествувала на неформален состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија за кризната состојба на Блискиот Исток и поширокиот регион.
„Ние стоиме зад земјите од Заливот, нашите пријатели кои Словенија ги стекна преку принципиелна надворешна политика во последните години. Нивната помош, особено на Оман и Јордан, е непроценлива во враќањето на словенечките граѓани од загрозените локации, за што им должиме длабока благодарност“, кажа Фајон.
Фајон повика на минимален 48-часовен хуманитарен прекин на огнот за да се овозможи безбедно заминување на странските државјани, вклучително и граѓаните на ЕУ. Министерката нагласи дека ЕУ и земјите од Персискиот залив мора да продолжат со заедничките повици за деескалација, максимална воздржаност и целосно почитување на меѓународното право.
На состанокот присуствувале претставници на земјите членки на ЕУ и претставници на Советот за соработка во Персискиот залив. Фајон нагласи дека Словенија активно ги поддржува координираните напори насочени кон намалување на тензиите и заштита на цивилите.
Средбата се одржува во време кога Израел и Соединетите Американски Држави продолжуваат со голема офанзива против Иран која почна во саботата, во која загинаа најмалку 926 лица, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи и високи воени функционери. Иран возврати со ракетни и беспилотни летала напади врз Израел, како и врз американските воени објекти во земјите од Персискиот залив. Поради ескалацијата, неколку земји во тој регион го затворија својот воздушен простор.






