Словачка и Унгарија се спротивставија на санкциите поради несогласување со предлогот на Комисијата за прекин на увозот на руски енергетски производи најдоцна до крајот на 2027 година, што би ги принудило двете земји да бараат алтернативи. Европските дипломати изјавија дека очекуваат прашањето да се реши на самитот на Европската унија во Брисел.
Фицо го повтори својот став дека новите санкции би можеле да доведат до проблеми со снабдувањето и зголемување на цените, како и до 20 милијарди евра загуби поради прекршување на долгорочниот договор со рускиот добавувач Газпром.
Словачкиот премиер изјави дека ќе ги поддржи заклучоците од самитот, но дека сега сепак нема да се согласи на санкции. „Словачка нема да гласа за 18-тиот пакет санкции утре“, изјави тој пред парламентарниот комитет денес пред да замине на самитот.
„Веруваме дека тоа е еден пакет заедно со (планот за прекин на увозот) и додека не се решат фундаменталните прашања, не можеме да усвоиме нови санкции“. Фицо се сретна денес со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, но не е познато дали го променил својот став.
Полскиот министер за европски прашања, Адам Шлапка, на самитот изјави дека се надева дека ќе биде можно да се придобијат Словачка и Унгарија како што беше случајот во минатото. „Како и со претходните пакети санкции, оптимист сум, работиме на тоа“, кажа тој.
„Се надевам дека ќе биде можно да се заврши до крајот на полското претседателство (со Советот на ЕУ), а како што знаеме, остануваат уште четири дена“.
За усвојување на санкциите е потребна едногласност на блокот. Унгарија редовно се закануваше дека ќе го повлече своето одобрување за време на дискусиите за помош на Украина и обновувањето на санкциите, кои се одржуваат на секои шест месеци.