петок, 20 февруари 2026

Слика на Трамп над знамето на САД на зградата на Министерството за правда

Транспарент со фотографија од американскиот претседател Доналд Трамп и пораката „Да ја направиме Америка повторно безбедна“ беше поставен синоќа на седиштето на американското Министерство за правда во Вашингтон. Станува збор за еден од највпечатливите знаци на претседателовото влијание врз институцијата што некогаш покренуваше кривични пријави против него, објави Ен-би-си њуз.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за правда традиционално дејствува со одреден степен на независност во однос на Белата куќа. Таа раздвоеност, меѓутоа, за време на вториот мандат на Трамп постепено се намали, а министерството покренуваше постапки против лица што тој ги доживува како политички противници.

„Горди сме во ова Министерство за правда што одбележуваме 250 години од нашата голема земја и нашата историска работа на тоа Америка повторно да ја направиме безбедна, според упатствата на претседателот Трамп“, порача портпаролот на Министерството за правда на прашањето за транспарентот.

Трамп во пресрет на 250-годишнината од основањето на Соединетите Држави предложи низа проекти и настани, вклучително и трка од Индикар по улиците на Вашингтон. Но транспарентот на зградата на Министерството за правда не ја спомнува таа годишнина ниту содржи службено лого поврзано со прославата.

Белата куќа прашањата за транспарентот ги пренасочи кон Министерството за правда.

Министерството за правда, кое денес е украсено и со портрет на Трамп, некогаш водеше истраги против актуелниот претседател. Во 2022 година тогашниот министер за правда Мерик Гарланд го именуваше Џек Смит за специјален истражител за да го испита наводното несоодветно ракување на Трамп со доверливи документи, како и неговите обиди да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.

Тие постапки беа запрени во 2024 година, откако Трамп победи на изборите, а Смит се повика на долгогодишната политика на министерството според која против актуелен претседател не се покренува кривична обвинителна постапка. Трамп во тие случаи негираше каква било вина.

По враќањето на функцијата, Министерството за правда покрена постапки против некои од лицата што Трамп ги доживува како противници, вклучително и поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми и државната обвинителка на сојузната држава Њујорк Летиша Џејмс, откако Трамп јавно ја повика министерката за правда Пам Бонди да подигне обвиненија.

Министерството исто така се обиде, но без успех, да покрене обвиненија против шест демократски пратеници што ги повикаа припадниците на војската да не извршуваат незаконски наредби, а покрена истраги и против други политичари, меѓу кои и гувернерот на Минесота Тим Волц, демократски кандидат за потпретседател на изборите во 2024 година.

Стејси Јанг, долгогодишна функционерка на Министерството за правда што работеше под републикански и демократски администрации, минатата година го напушти министерството и ја основа организацијата Џастис конекшн. Во соопштение поставувањето на транспарентот го нарече „срамно“.

„Поставувањето на тој транспарент треба да го отстрани секој сомнеж дека Доналд Трамп ја презеде независноста на Министерството за правда. Тој – а не американскиот народ – е единствениот клиент на кој сегашното раководство на министерството му служи“, рече Јанг.

Транспарентот е најновиот чекор во настојувањата на Трамп да остави силен личен печат врз Вашингтон и да ги користи неговите институции и знаменитости за зајакнување на сопственото влијание. Минатата година управниот одбор што го именуваше Трамп изгласа преименување на Кенеди центарот така што во називот ќе се вклучи и неговото име, што поттикна судски спор.

Името на Трамп беше додадено и на седиштето на Институтот за мир, агенција што администрацијата набрзо по неговото враќање на функцијата ја распушти. Во Белата куќа Трамп во западната колонада уреди и „Сала на претседателите“, со плочи што ги исмеваат поранешните претседатели Џо Бајден и Барак Обама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ