петок, 13 март 2026
Од 6 или 7 век

Скелети во необични пози и чудни артефакти: откопани мистериозни гробишта во Велс

Ретки раносредновековни гробишта, за кои се верува дека потекнуваат од 6 или 7 век, се откриени во Велс и предизвикале збунетост кај археолозите, пишува Би-би-си. Досега се ископани 18 од околу 70 гроба, во кои некои од добро сочуваните скелети лежат на необични позиции, а пронајдени се и неочекувани артефакти.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Гробиштата се наоѓаат на неупадлива ливада околу замокот Фонмон, во близина на аеродромот во Кардиф. Ископувањата во текот на две лета почнуваат да откриваат повеќе за оваа древна заедница, но исто така покренуваат многу прашања.

Самер Кортс, остеоархеолог на Универзитетот во Рединг, вели дека скелетите се во добра состојба и покрај тоа што се стари околу 1.500 години. Таа покажува кон еден тукушто откопан череп.

„Имаме, на пример, некои заби истрошени на необичен начин, што може да укаже на употреба на забите како алатки“, вели тој. „Можеби за работа со текстил, кожа или правење кошници. Провлекувале некој материјал низ предните заби“.

Но некои од скелетите во необична положба претставуваат загатка. Некои се положени на грб, што било нормално за тој период, додека други биле положени на страна, а некои биле закопани во клечечка положба со колената собрани кон градите.

Археолозите не се сигурни што значи тоа. Дали гробиштата биле користени во долг временски период, па така се смениле практиките за погребување? Или некои луѓе биле етикетирани како поинакви?

Пронајдени се делови од садови и чаши и фрагменти од коски од заклани и запалени животни. Еден предмет се издвојува и зборува за животот на оваа заедница, мало резбано колче за кое се смета дека се користело како маркер за да се постигне погодок во игра.

Водачот на тимот, д-р Енди Симан, експерт за рана средновековна археологија од Универзитетот во Кардиф, вели дека за разлика од сегашните гробишта, ова не е само место за погребување на мртвите. „Денес на гробиштата мислиме како на места каде што ретко одиме, но тие веројатно биле клучен дел од животот во минатото“, објасни тој.

„Тоа не било само место каде што се закопуваат луѓето, туку и каде што се собираат заедниците. Тие (на гробиштата) ги закопуваат своите мртви, но тие служат и за други облици на активност и социјална практика, вклучувајќи јадење, пиење и прослави“.

На наоѓалиштето било пронајдено и парче стакло. „Тоа е сад во облик на корнет за сладолед, со скршен раб, од многу фин материјал, многу фино стакло… навистина убаво откритие“, вели Енди Симан. Го сместува околу Бордо, Франција, а тоа не е единствениот увезен предмет. Тимот пронашол и парчиња керамика веројатно од Северна Африка.

Квалитетот на овие наоди сугерира дека овие луѓе биле со висок статус.

Тудур Дејвис од Универзитетот во Кардиф вели: „Доказите што ги имаме овде се дека овие луѓе имале пристап до увезени стоки со многу висок квалитет, кои можеле да се добијат само преку трговија или размена со луѓе со големо богатство“.

„Кои се овие луѓе што се закопани овде?“, прашува тој. Потребни се дополнителни истражувања за попрецизно датирање на гробиштата, а ДНК-анализата ќе каже повеќе за скелетите. Гробиштата ќе дадат слика за секој поединец и заедницата како целина, помагајќи да се расветли ерата за која сè уште многу малку се знае.

Но добивањето одговори на прашањата за тоа кој всушност живеел и умрел на тоа место може да потрае многу подолго, вели Би-би-си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ