Иранските курдски милиции со седиште во северен Ирак во последните денови разговарале со САД за можни напади врз безбедносните сили на западот од Иран, додека САД и Израел продолжуваат со воздушните напади врз Иран, пишува Ројтерс.
Но Курдите од Сирија предупредуваат дека партнерството со Вашингтон може да има тешки последици.
„Се надевам дека Курдите во Иран нема да се здружат со Америка, затоа што таа ќе ги напушти“, изјави Саад Али, 45-годишен жител на курдскиот град Камишли на североистокот од Сирија.
„Ако утре постигнат договор со Иранците, едноставно ќе ве елиминираат. Не ги повторувајте нашите грешки“, рече тој.
Сириските курдски борци пред повеќе од десет години се здружија со САД во борбата против групата Исламска држава. Потоа воспоставија полуавтономна зона на територијата што ја презедоа од ултраконзервативните исламистички борци.
Но во јануари новата сириска армија под претседателот Ахмед ал-Шара во голема офанзива зазеде поголем дел од територијата што ја контролираа Курдите. Сириските Курди тогаш ги повикаа САД да интервенираат во нивна корист, но се почувствуваа издадени кога Вашингтон го одби тоа барање.
Тоа искуство останало мошне болно за сириските Курди и, како што велат, лекција што треба да ја имаат предвид и Курдите во Иран.
„Според мене, Курдите во Иран треба да заземат цврст став: не треба да учествуваат во никакви војни на територијата на Иран без јасни, потпишани гаранции од САД за иднината на курдските области во Иран“, изјави Амџад Кардо, 26-годишен Курд од Камишли.
„Ние Курдите овде во Сирија, особено, имавме негативно искуство со Американците во Сирија и нивното напуштање на курдските движења на отпорот“, вели тој.
Еден извор меѓу иранските Курди призна дека и нивните лидери стравуваат дека би можеле да бидат „издадени“, како што се случи со курдските групи на северот од Сирија. Според истиот извор, курдските лидери од Иран побарале од САД одредени гаранции, но не е наведено какви.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави за Ројтерс дека би било „одлично“ кога курдските сили од северен Ирак би ја преминале границата и би влегле во Иран, но не сакаше да одговори дали САД во тој случај би им обезбедиле воздушна поддршка.
Во саботата се чинеше дека го променил ставот и им рече на новинарите дека не сака курдските борци да влегуваат во Иран.
Ахмед Баракат, лидер на Курдската прогресивна демократска партија во Сирија, изјави за Ројтерс дека иранските курдски сили треба да бидат „исклучително внимателни“.
Тој додаде дека конечната одлука е кај нив, но смета дека „прифаќањето на повикот на САД и преземањето водечка улога во спротивставувањето или слабеењето на иранскиот режим во овој момент не е во најдобар интерес на Курдите во Иран“.
Ројтерс минатата недела објави и дека Израел веќе околу една година води сопствени разговори со иранските курдски бунтовнички групи што дејствуваат од полуавтономниот регион Ирачки Курдистан.
Курдите се етничка група што пред сто години останала без сопствена држава кога, по распадот на Османлиското Царство, биле исцртани границите на современиот Блиски Исток. Најчесто се сунитски муслимани, зборуваат јазик сроден со персискиот и живеат главно во планинскиот појас што се протега низ Ерменија, Ирак, Иран, Сирија и Турција.
Во Ирак живеат во три северни покраини, кои имаат сопствена регионална влада. Но во другите држави – Иран, Турција и сега Сирија – нивните стремежи за автономија или сопствена држава засега остануваат неостварени.






