„Се обидуваме да ја вратиме и редефинираме новата природа на овие односи за да може Сирија да ужива во својата независност, суверенитет, како и во својот територијален интегритет, својата безбедност и стабилност“, кажа Ахмад ал Шара за време на средбата со Путин во Кремљ.
Сирискиот претседател ги истакна и „старите историски врски“ и „заедничките интереси“ на двете земји.
Тој го наведе фактот дека снабдувањето Сиријците со храна делумно зависи од руското производство и дека бројни сириски електроцентрали зависат од руската експертиза.
Рускиот претседател Владимир Путин го прими својот гостин во Кремљ, поздравувајќи ги „длабоките врски кои ги обединуваат Русија и Сирија“ и изразувајќи надеж за проширување на тие врски. Со средбата се истакнува желбата на Русија да воспостави функционални врски со новото сириско раководство и да обезбеди воена упориште во земјата, пишува агенцијата Асошиејтед прес.
„Во текот на сите овие децении, секогаш сме биле водени само од едно нешто: интересите на сирискиот народ. Навистина имаме многу длабоки врски со сирискиот народ“, порача Путин.
Асад беше сојузник на Русија, а интервенцијата на Русија за да го поддржи пред една деценија го смени текот на сириската војна, држејќи го Асад на власт до неговото брзо соборување во декември 2024 година.
Русија, која се фокусираше на борбите во Украина и држеше само мал воен контингент во Сирија, не се обиде да се спротивстави на офанзивата на бунтовниците, но му даде азил на Асад кога тој избега од земјата.
Сириски владин претставник кој побарал да не биде именуван, изјавил за Франс прес дека за време на оваа прва средба со Путин сирискиот претседател ќе побара од Москва да го предаде соборениот лидер Башар ал Асад, кој е во руската престолнина.
За време на посетата сирискиот претседател треба да разговара и за прашања поврзани со инвестициите, што ќе се случи со руските бази во Сирија и вооружувањето на сириската армија, кажал истиот владин извор.
Поморската база Тартус и воздухопловната база Хмејмим, кои се наоѓаат на медитеранскиот брег на Сирија, се единствените официјални руски воени бази надвор од поранешниот Советски Сојуз.
Москва ги користеше овие бази во голема мера за време на својата интервенција во 2015 година во сириската граѓанска војна кога го поддржуваше Башар ал Асад и бомбардираше области кои ги држеа бунтовниците, пишува Франс прес.
Иако беа на спротивставени страни за време на граѓанската војна, новите владетели во Дамаск имаат прагматичен пристап во односите со Москва.






