понеделник, 16 март 2026

Сирија го призна Косово

Сирија денес ја призна независноста на Косово, објавија официјални лица на двете земји.

Фото: Фејсбук

Објавено на

часот

Сподели

Косовската претседателка Вјоса Османи напиша на Фејсбук дека договорот за сириско признавање на Косово е постигнат во Ријад, со поддршка на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ал Сауд.

Османи му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал Шара за неговата одлука да го признае Косово и за неговата поддршка за народот на Косово.

Претседателката на Косово отпатува во Ријад во Саудиска Арабија, на покана на Мохамед бин Салман, со цел да учествува на форумот Иницијатива за идни инвестиции.

„Народот на Косово и Сирија многу страдаше и многу жртвуваше за да постигне слобода. Затоа ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание за жртвата на многу генерации да живеат слободно“, напиша Османи.

Министерството за надворешни работи на Сирија објави дека одлуката за признавање на Косово „произлегува од верувањето на Сирија во правото на народот на самоопределување и од нејзината посветеност на промовирање на принципите на мир и стабилност на Балканот и во светот“.

„Оваа одлука е дел од политиката на Сирија насочена кон проширување на мостовите на соработка и отвореност кон пријателските земји, на начин што им служи на заедничките интереси и ги зајакнува врските на пријателство меѓу народите“, се наведува во соопштението на министерството на социјалната мрежа Икс.

Дамаск „нестрпливо очекува“ воспоставување дипломатски односи со Косово што е можно побрзо и развој на билатерална соработка во политичката, економската и културната област, со цел да им служи на заедничките интереси на двете земји и двата пријателски народи, се додава во соопштението.

Повеќе од една деценија Сирија е меѓу најизолираните земји во светот, зафатена од граѓанска војна, економски колапс и големи меѓународни санкции.

Од јануари оваа година на чело на земјата е поранешниот џихадистички исламист Ал Шара, кој ги предводеше опозициските борци во соборувањето на претседателот Башар ал Асад, со што заврши петдецениското владеење на неговото семејство.

Одлуката на Сирија е трето признавање на независноста на Косово оваа година, бидејќи претходно беше признато од две африкански земји, Судан и Кенија.

Признавањето од тие земји следеше по забавувањето на темпото на признавање на Косово во последните години. Пред нив, последната земја што го призна беше Израел во 2021 година.

Сирија е 120-тата земја која го призна Косово и се очекува одлуката да ја разгневи Србија, која долго време се бори против самопрогласената независност.

Србија луто реагираше на најновите признавања на Косово, бидејќи го смета Косово за дел од својата територија и 17 години од едностраното прогласување независност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ