Ова е прв самоубиствен бомбашки напад во Дамаск откако поранешниот претседател Башар ал Асад беше соборен од власт во декември од страна на бунтовниците предводени од радикалните исламисти.
Бомбаш самоубиец синоќа отворил оган, а потоа детонирал експлозивен елек во грчка православна црква во Дамаск, а прво беше јавено дека загинале 20 лица.
Ниту една група не ја презеде веднаш одговорноста, но сириското министерство за внатрешни работи објави дека екстремист од таканаречената Исламска држава влегол во црквата, пукал во луѓето таму пред да го детонира експлозивот.
Сирискиот министер за информации Хамза Мостафа го осуди нападот, нарекувајќи го терористички напад.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес изрази негодување и гнев поради нападот во грчката православна црква во Дамаск, објави агенцијата Бета.
„Сакам да го изразам мојот бес и гнев поради неодамнешниот терористички напад врз грчката православна црква на Пророкот Илија во Дамаск“, кажа Мицотакис.
Тој ја повика сириската влада да преземе конкретни мерки за заштита на сите етнички и верски малцинства во земјата.
Европската унија го осуди терористичкиот напад врз црквата во Дамаск, главниот град на Сирија, и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Ова гнасно и кукавичко насилство врз христијаните е напад врз сите Сиријци. Тоа е сериозен потсетник за потребата од интензивирање на напорите против терористичката закана и обезбедување траен пораз на Исламската држава и другите терористички организации“, соопшти денес прес службата на Европската унија.
Се наведува дека ЕУ, во овој критичен момент за таа земја, се солидаризира со сирискиот народ и ги поддржува сите напори на преодните власти насочени кон обезбедување безбедност за сите Сиријци без дискриминација врз основа на етничка припадност или религија.
Обединетите нации и неколку земји го осудија нападот, прв од ваков вид во Дамаск откако силите предводени од радикални исламисти го соборија поранешниот претседател Башар ал Асад на 8 декември 2024 година.