недела, 7 декември 2025

Синот на Трамп ги нападна Зеленски и Украина: „Повеќе нема да бидеме идиоти“

Доналд Трамп Помладиот денес остро ја критикуваше корупцијата во Украина и посочи дека неговиот татко, американскиот претседател Доналд Трамп, би можел да ја напушти Украина ако Киев не склучи мир со Русија, пренесува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на Форумот во Доха, голем собир на светски функционери, најстариот син на американскиот претседател истакна дека Украина долго време е парализирана од корупција во власта и тврди дека таквата корупција ја поттикнува војната и во Москва и во Киев.

Тој особено го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој самиот е под политички притисок поради истрагата за корупција во која се вклучени некои од неговите врвни помошници. Еден од нив, Андриј Јермак, кој често ги водеше меѓународните преговори на Украина, неодамна поднесе оставка. Самиот Зеленски не беше обвинет за корупција.

„Поради војната и бидејќи е еден од најголемите маркетинг експерти на сите времиња, Зеленски стана речиси божество, особено за левицата, за кои не можеше да погреши, беше надвор од секаква критика“, кажа Трамп Помладиот.

На директното прашање дали американскиот претседател може да ја повлече поддршката за Украина, помладиот Трамп одговори: „Мислам дека може“.

„Добрата работа кај мојот татко, и она што е уникатно кај мојот татко, е што не знаете што ќе направи“, додаде тој. „Фактот дека не е предвидлив… ги принудува сите да се однесуваат на интелектуално чесен начин“.

Претседателот Трамп долго време има сложен однос со Украина, а особено со Зеленски, честопати покажувајќи симпатии кон Русија и рускиот лидер Владимир Путин. Администрацијата на Трамп врши притисок врз двете земји да потпишат мировен договор, но со мал успех.

„Сакаме мир. Сакаме да ја сопреме смртта“, кажа Трамп Помладиот.

Тој ја бранеше и воената кампања на својот татко против нарко-картелите, вклучително и воздушните напади врз бродови на Карибите за кои има сомнеж дека превезуваат дрога. Тој нагласи дека американските смртни случаи предизвикани од дејствијата на картелите не можат да се игнорираат.

„Тоа е многу поголема јасна и непосредна опасност за Соединетите Држави отколку сè што се случува во Украина и Русија“, кажа тој.

Доналд Трамп Помладиот тврди дека во текот на еден ден во Монако ова лето забележал дека „50 отсто од луксузните автомобили како Бугати и Ферари имаат украински регистарски ознаки“.

„Дали мислите дека тие пари се заработени во Украина?“, праша тој, без да даде докази за своите тврдења.

„Ги слушаме сите гласини за тоа што се случува кога гледаме дека секоја регистарска табличка во Монако им припаѓа на Украинци. Богатите избегаа и ги оставија оние кои ги сметаат за селска класа да се борат во тие војни. Немаше поттик да се стави крај на конфликтот бидејќи сè додека парите доаѓаа и тие крадеа, никој ништо не проверуваше, па затоа немаше причина да се склучи мир“, кажа Трамп Помладиот.

Гардијан напоменува дека Трамп Помладиот не понудил никакви докази за своите тврдења за бројот на украински регистрации во Монако, ниту е јасно како можел да ја утврди националноста на сопственикот на возилото само врз основа на регистарските таблички.

На прашањето дали неговиот татко ќе се кандидира за трет мандат, што уставно не е дозволено, Трамп Помладиот со насмевка кажа: „Ќе видиме што ќе се случи“, додавајќи дека неподготвеноста на претседателот да го исклучи тоа може да биде форма на „тролање“.

„Смешно е да се гледа како главите на левичарите експлодираат секој пат кога ќе го спомене тоа“, додаде тој.

Тој исто така вети дека „САД повеќе нема да бидат идиот кој пишува чекови“.

Обвинувањата на Трамп Помладиот за корупција веројатно ќе ги налутат не само поддржувачите на Украина, туку и многу демократи кои веруваат дека семејството Трамп финансиски профитира од сопствената политичка моќ. Семејството Трамп, всушност, ги проширува своите финансиски врски со Катар, што вклучува планови за изградба на луксузен голф-центар. Односот со Катар привлече посебно внимание оваа година кога арапската држава практично ѝ подари на администрацијата луксузен боинг 747 кој ќе биде пренаменет за употреба како претседателски авион Ер форс уан.

Трамп Помладиот, кој се појави на сцената во Доха со деловниот партнер Омид Малик, во мај не исклучи ни сопствена идна кандидатура за претседател, велејќи: „можеби еден ден“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ