Стравувањата за безбедноста на Вајн, пејач кој стана политичар, а чие вистинско име е Кјагулани Сентаму, се зголемија во последните месеци, поттикнати од редовните напади на мрежата Икс од страна на синот на Мусевени и претпоставен наследник, началникот на армијата Мухузи Кајнеругаба.
Во јануари, Кајнеругаба напиша дека ќе му ја „отсече главата на Вајн“ доколку претседателот го дозволи тоа, а во мај беше критикуван поради изјавата дека го чува исчезнатиот телохранител на Вајн „во својот подрум“. Телохранителот, кој подоцна се појави на суд, изгледаше како жртва на тортура, неспособен да оди без помош.
„Тоа е постојан потсетник дека заканата е реална, бидејќи ова не е обичен човек“, рече Вајн за Кајнеругаба. „Ова е човек кој не само што е син на лицето кое е на чело на државата, туку е и човек кој е задолжен за сите органи на насилство. Тој е задолжен за армијата, полицијата, затворите.“
Партијата на Вајн тврди дека десетици нејзини следбеници се затворени или исчезнати од 2021 година.
Мусевени, кој има 80 години и владее со Уганда од 1986 година, го обвинува Вајн дека е агент на странски интереси. Но, Вајн, кој ги негира обвинувањата, има голема поддршка меѓу работничката класа, а неговата партија е најголемата од сите опозициски партии во парламентот.
На изборите во 2021 година, Вајн освои 35 проценти од гласовите, додека Мусевени, со 58 проценти, го постигна својот најлош резултат досега, зацврстувајќи го Вајн како свој главен ривал. Вајн тврдеше дека неговата победа е украдена преку изборна измама. Изборните власти ги негираа обвинувањата.
Вајн и Мусевени повторно ќе се соочат на претседателските избори закажани за јануари 2026 година.
Мусевени во последните денови водеше кампања во Кампала, обидувајќи се да ги зголеми своите шанси меѓу луѓето што веројатно ќе го поддржат Вајн, жителите на градот кои честопати немаат сигурен извор на приход и кои се надеваат дека промената на владата ќе им користи.
Каинеругаба неодамна изјави дека владиното обезбедување ќе ги заштити сите претседателски кандидати, предупредување до Вајн и другите да не ангажираат приватно обезбедување.
Претседателските амбиции на Каинеругаба ги зголемија стравувањата од созадавање семејна династија во земјата која никогаш не видела мирен трансфер на власта од стекнувањето независност во 1962 година.






