Иранската телевизија не соопшти кои точно делови од градот биле погодени.
Израелската војска соопшти на Телеграм дека утрово испратила повеќе од 80 борбени авиони за серија напади врз инфраструктура во Техеран и во други области во централниот дел на Иран.
Израелската армија наведе дека употребила околу 230 парчиња муниција врз повеќе воени цели, меѓу кои Централниот воен универзитет на Револуционерната гарда (универзитетот Имам-Хосеин), складишта за ракети, подземни складишта и постројки за производство на балистички ракети, како и позиции за лансирање ракети во неколку други области во западниот и централниот дел на Иран.
Во меѓувреме, неколку експлозии одекнале и во близина на меѓународниот аеродром Мехрабад во Техеран, јави иранската агенција Тасним.
Драматичните снимки покажуваат дека аеродромот бил зафатен од пламен по воздушните напади што ја погодиле иранската престолнина во раните утрински часови во саботата, пренесуваат државните медиуми.
Аеродромот се наоѓа во близина на центарот на градот, во сопственост е на иранската влада и се смета за најпрометниот аеродром во земјата.
Засега не е јасно колкава е штетата на аеродромот, ниту дали комплексот бил директно погоден.
Си-ен-ен побарал коментар од Израелските одбранбени сили за тоа дали аеродромот бил цел на нападите, додека полуофицијалната иранска новинска агенција Мехр го обвини Израел дека го погодил аеродромот.
Од 2004 година поголем дел од меѓународните летови се пренасочени кон меѓународниот аеродром Имам Хомеини, кој се наоѓа надвор од градот. Сепак, Мехрабад и понатаму останува клучен центар за домашните летови.
Израелската војска најави и „бран нови воздушни напади од голем обем“ врз владини цели во Техеран, каде што во петокот се собраа голем број луѓе на првата молитва по смртта на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи.
Американско-израелските напади почнаа пред точно една недела, а во првиот ден од нападите, на 28 февруари, беше убиен Хамнеи.






