вторник, 10 јуни 2025

Силна експлозија во хемиска фабрика во Кина (ВИДЕО)

Голема експлозија во хемиска фабрика во источната кинеска провинција Шандонг денеска предизвика густи облаци од чад, пренесуваат државните медиуми, без да наведат детали за жртвите.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од 200 работници за итни случаи беа испратени на местото на експлозијата што ја погоди работилницата на „Шандонг Јудао Хемикал“ во градот Вејфанг непосредно пред пладне, предизвикувајќи дебата на кинеските социјални мрежи за опасностите од изложеност на отровниот гас. Владините претставници ги повикаа службите за итни случаи брзо да го стават под контрола пожарот во зградата и да го потврдат бројот на жртвите.

Државниот весник „Пекинг њуз“ објави снимки од прозорци искршени од рамките при експлозијата, додека „Пејпер“, друг државен медиум, објави дека некои работи на жителите биле фрлени на улица од силината на експлозијата.

Педесет и пет возила на брза помош и 232 членови на спасувачки тимови се испратени на местото на настанот, соопшти националното министерство за управување со вонредни состојби.

Бирото за заштита на животната средина во Вејфанг испрати персонал да спроведе тестови на местото на експлозијата и ги советуваше околните жители во меѓувреме да носат маски за лице, објави Пекинг њуз.

„Шандонг Јудао Кемикал“ е во сопственост на „Химиле Груп“, која е сопственик и на јавно тргуваната „Химиле Механикал“, чии акции паднаа за речиси 4 отсто во вторник попладне. „Јудао“ е основана во август 2019 година во хемискиот парк „Гаоми Ренхе“ во Вејфанг, според нејзината веб-страница, и опфаќа повеќе од 47 хектари со повеќе од 300 вработени.

Компанијата развива, произведува и продава технологија за пестициди, фармацевтски производи и сродни хемиски меѓупроизводи.

Експлозиите во хемиските фабрики во Кина во последните години вклучуваат една во северозападниот регион Нингсија во 2024 година и друга во југоисточната покраина Џијангси во 2023 година. Во две големи експлозии во складишта за опасни и запаливи хемикалии во кинескиот пристанишен град Тијанџин во 2015 година загинаа повеќе од 170 луѓе, а беа повредени уште 700, што ја поттикна владата да донесе нови закони за регулирање на складирањето хемикалии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ