Индексот СТОКС 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 1,8 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред.
Истовремено, лондонскиот ФТСЕ индекс се зголеми за 1,02 отсто, на 8.415 поени, додека франкфуртски ДАКС скокна за 2,15 отсто, на 21.750 поени, а париски CAC за 1,43 отсто, на 7.430 поени.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот МСЦИ на азиско-пацифичките акции порасна за 0,7 отсто во 9:30 часот.
Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 1,9 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 2,4 отсто.
Инвеститорите на светските берзи беа охрабрени од вчерашниот силен раст на Волстрит. Индексот Дау Џонс скокна за 2,7 отсто, додека С&П 500 порасна за 2,5 отсто, а индексот Насдак за 2,7 отсто.
Со тој скок, индексите ги надоместија сите загуби од претходниот ден, кога инвеститорите беа вознемирени од жестокиот напад на американскиот претседател Доналд Трамп врз претседателот на Федералните резерви Џером Пауел.
Но Трамп вчера рече дека не планира да го смени Пауел, туку само сака пониски каматни стапки.
Инвеститорите беа охрабрени и од изјавата на министерот за финансии Скот Бесент дека тој верува дека трговските тензии меѓу САД и Кина ќе се намалат, иако преговорите со Пекинг сè уште не се започнати и најверојатно ќе бидат бавни.
„Пазарот продолжува да се движи со ролеркостер. Некое ублажување на американско-кинеската агресија, благодарение на коментарите на Бесент, го крена пазарот повисоко“, рече Рајан Детрик, стратег во Карсон груп.
Трамп подоцна рече дека сака договор со Кина и дека царините нема да бидат ни приближно 145 отсто, но нема да бидат ниту 0 отсто.