„Не можеме да си дозволиме да се откажеме од дипломатските канали и одржувањето односи со земја од која увезуваме значаен дел од нашите енергетски ресурси, и која, сакале или не, во иднина ќе биде одлучувачки актер не само во европскиот, туку и во глобалниот безбедносен систем“, истакна унгарскиот министер за надворешни работи, потсетувајќи дека Русија е најголемата земја во светот и поседува нуклеарно оружје.
Сијарто уште еднаш повтори дека на Унгарија не ѝ е потребна дозвола од Европската Унија, Германија или која било друга земја за да развива односи со Русија.
„Фала му на Бога, завршија времињата кога Будимпешта мораше да бара дозвола од Берлин за да направи нешто“, истакна тој, коментирајќи ја изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатувал во Москва на 28 ноември без одобрение од раководството на ЕУ.
Средбата меѓу Виктор Орбан и рускиот претседател Владимир Путин минатата недела траеше речиси четири часа, а тие разговараа за билатералните односи и ситуацијата во Украина. Орбан во таа прилика истакна дека Унгарија е сè уште подготвена да обезбеди платформа за мировни преговори.
Сијарто, кој исто така беше во Москва како дел од унгарската делегација, по средбата изјави дека ниту Германија ниту лидерите на ЕУ не можат да ѝ диктираат на унгарската влада со кого ќе одржува меѓудржавни односи.






