Сијарто во јавна дискусија рече дека европските лидери немаат интерес да постигнат мир, туку дека „секојдневно долеваат масло на огнот“ и ја влошуваат ситуацијата, пренесува МТИ.
Тој нагласи дека Европа уште од почетокот дала погрешни одговори на војната, со што дополнително ја загрозила економската, социјалната и безбедносната стабилност.
Според него, ако војната заврши со договор сличен или дури и помалку поволен од оној што Украина можеше да го постигне пред три години, многумина би можеле да се запрашаат зошто договорот не е постигнат порано.
„Европските лидери можат да избегнат политичка одговорност сè додека трае војната… но кога ќе заврши војната, тие ќе мора да се соочат со одговорноста“, рече Сијарто, додавајќи дека и украинскиот претседател ќе се соочи со прашањето зошто не го потпишал Истанбулскиот договор во април 2022 година, што сигурно би било подобро од ситуацијата што ја има Украина денес, три и пол години подоцна.
Тој зборуваше и за притисоците врз унгарската влада во врска со нејзиниот став за членството на Украина во Европската Унија.
Според него, постои силен притисок Унгарија да го промени својот став, а опозицијата во земјата се обидува да делегира „марионета“ за премиер за да се овозможи влез на Украина во ЕУ.
Тој истакна дека, спротивно на неодамнешните медиумски шпекулации, не е Русија таа што се меша во унгарските избори, туку Брисел, Европската комисија и Европската народна партија (ЕПП).
Унгарскиот министер за надворешни работи нагласи дека целта на опозицијата е да ја преземе власта и да го олесни брзото членство на Украина во ЕУ.






