Европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен изјави дека Европската Унија се подготвува за долгорочен енергетски шок, дека се очекува ситуацијата дополнително да се влоши во наредните недели и дека цените на енергијата ќе останат високи долго време.
„Европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен секако е добар во нешто, но тоа не е енергетиката. Тој им се обрати на народите во Европа со драматична порака. Оваа порака би можела да се нарече апсурдна или патетична ако не знаевме колку е драматична ситуацијата“, кажа Сијарто во видео обраќање на социјалните мрежи.
Тој додаде дека Јоргенсен бара од Европејците да работат од дома, да возат помалку, да ја намалат брзината на автопатиштата за десет километри на час, и дека Брисел дури сега добил информации дека кризата на Блискиот Исток има катастрофално влијание врз глобалните енергетски пазари, иако Унгарија зборува за тоа со недели.
„Во таква ситуација, единствениот прифатлив чекор за Европската комисија би бил да дозволи евтината руска нафта и природниот гас да се вратат на европскиот пазар. Доколку тоа се случи, Европа би можела да избегне нагло зголемување на цените на енергијата, енергетски дефицит и влошување на енергетската безбедност, но за жал, тие не се флексибилни по ова прашање“, кажа Сијарто.






