петок, 12 декември 2025

Си предупреди дека светот се соочува со избор меѓу војна и мир

Кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека светот се соочува со избор помеѓу мир и војна додека денес ја одржа најголемата воена парада во историјата на неговата земја, во друштво на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Раскошниот настан, кој одбележа 80 години од поразот на Јапонија на крајот од Втората светска војна, беше во голема мера игнориран од западните лидери, додека Путин и Ким – омразени на Западот поради војната во Украина и нуклеарните амбиции на Ким – беа почесни гости, пишува Ројтерс.

Парадата, дизајнирана да ја покаже воената моќ и дипломатското влијание на Кина, доаѓа во време кога трговските тарифи и непредвидливите политики на американскиот претседател Доналд Трамп ги затегнуваат односите на Пекинг со сојузниците и со ривалите.

„Денес, човештвото се соочува со избор помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација, политика на ќар на двете страни или игра со нулта сума“, изјави Си пред повеќе од 50.000 присутни на плоштадот Тјенанмен, додавајќи дека кинескиот народ „цврсто стои на вистинската страна на историјата“.

Возејќи се во лимузина, Си потоа ги прегледа трупите и најсовремената воена опрема како ракети, тенкови и беспилотни летала.

Хеликоптери со големи транспаренти и ловци во формација летаа над глава за време на 70-минутниот настан полн со симболи и пропаганда, кој кулминираше со пуштање 80.000 гулаби за мир и шарени балони.

Облечен во одело во стилот на поранешниот лидер Мао Це Тунг, Си претходно поздрави повеќе од 20 лидери на црвениот тепих, вклучувајќи го и индонезискиот претседател Прабово Субианто, кој ненадејно се појави и покрај масовните протести дома. Сопругата на Си, Пенг Лијуан, можеше да се чуе како им вели „Убаво е што ве запознавме“ и „Добредојдовте во Кина“ на англиски јазик на неколку гости.

Седејќи помеѓу Путин и Ким, Си постојано започнуваше разговори со двајцата додека војниците и воената опрема минуваа пред нив.

„Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека заговарате против Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на платформата Трут соушал кога почна настанот. Тој, исто така, ја нагласи улогата на Америка во помагањето на Кина да се ослободи од Јапонија.

Трамп претходно им кажа на новинарите дека не ја гледа парадата како предизвик за Соединетите Американски Држави. Главниот портпарол на јапонската влада одби да коментира за парадата, додавајќи дека двете најголеми економии во Азија градат „конструктивни односи“.

Визијата за нов светски поредок

Си ја претстави Втората светска војна како клучна пресвртница во „големото оживување на кинеската нација“, во која земјата го надмина понижувањето од јапонската инвазија и стана економска и геополитичка сила.

Претходно оваа недела, Си ја претстави својата визија за нов светски поредок на регионалниот безбедносен самит, повикувајќи на единство против „хегемонизмот и политиката на моќ“ – протолкувано како прикриена порака до неговиот ривал преку Пацификот.

„Си е убеден дека ситуацијата се променила. Сега Кина е повторно го држи воланот“, кажа Вен Ти Сунг, соработник на Атлантскиот совет во Глобалниот кинески центар, со седиште во Тајван.

„Луѓето денес зборуваат повеќе за унилатерализмот на Трамп отколку за кинеската „дипломатијата на волци воини“ кога го бараат главниот извор на неизвесноста во меѓународниот систем“, додаде тој.

Аналитичарите следат дали Си, Путин и Ким ќе сигнализираат поблиски одбранбени врски по договорот потпишан од Русија и Северна Кореја во јуни 2024 година и сличен сојуз меѓу Пекинг и Пјонгјанг – што би можело да ја промени воената пресметка во Азиско-пацифичкиот регион.

Путин веќе ја искористи можноста да ги зацврсти енергетските договори со Кина, додека Ким доби имплицитна поддршка за неговото забрането нуклеарно оружје.

Ким го имаше своето деби на својот прв голем мултилатерален настан, станувајќи првиот Севернокореец што присуствувал на кинеска воена парада по 66 години.

Тој пристигна во Пекинг со својата ќерка Џу Ае, која јужнокорејската разузнавачка служба ја смета за најверојатен наследник, иако таа не беше видена покрај него за време на парадата.

Импресивни чекори

Во текот на изминатите две години, повеќе од десетина генерали – многумина некогаш блиски до Си – беа отстранети од Народноослободителната армија (НАО) во голема антикорупциска акција.

„Парадата му овозможува на Си да го привлече вниманието на светот кон неговите импресивни чекори во модернизацијата на воената опрема, додека ги остава настрана постојаните проблеми што ја мачат НАО, особено тековните чистки меѓу врвните офицери“, вели Џон Цин, аналитичар за надворешна политика во Институтот Брукингс, американска аналитичка група.

Аналитичарите велат дека парадата не била наменета само да ја покаже моќта на Кина во странство, туку и да го зајакне патриотскиот дух дома.

Во својот воведен говор, Си го нарече преродбата на кинеската нација „незапирлива“. Државните службеници низ целата земја добија задача да ја следат парадата и да ги запишуваат своите забелешки, изјави еден од нив за Ројтерс.

Ништо не беше оставено на случајност за овој историски настан.

Главните улици и училиштата во Пекинг беа затворени, по недели сложени безбедносни подготовки и полноќни проби.

Локалните власти низ целата земја мобилизираа десетици илјади волонтери и членови на Комунистичката партија за да следат можни знаци на немири за време на парадата, според проценките засновани на онлајн огласи за регрутирање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ