Белата куќа создава надреално сценарио за крај на војната во кое тој лично ќе потврди безусловна капитулација на Исламската Република — дури и ако тоа не е точно, пишува Си-ен-ен.
Министерот за одбрана Пит Хегсет вели дека само Трамп може да процени дали војната е „во почетокот, на средината или на крајот“. Како неговиот шеф да е единствениот арбитер на реалноста среде разбеснетиот регионален конфликт.
Револуционерните лидери на Иран веројатно нема да соработуваат, бидејќи кореографијата на Трамп ќе се судри со нивната главна цел во една егзистенцијална борба: да ја надживеат спремноста на Американците да толерираат нова странска војна.
А историјата на Блискиот Исток, полна со страдања, покажува дека насилството не е чешма што може едноставно да се затвори. Секоја нова војна само ја обновува историската огорченост што ја потхранува следната. Ова горчливо искуство значи дека Израелците, Либанците, Иранците и нивните регионални соседи ќе бидат многу помалку спокојни од тимот на Трамп кога станува збор за иднината.
Понатаму, поновата историја на самата Америка сугерира дека конфликтите често не одат по волјата на претседателските стратегии за излез и ретко завршуваат со недвосмислени победи како оние над Германија и Јапонија во Втората светска војна.
Зошто Белата куќа мора да размислува за епилогот
Можно е патиштата што би довеле до запирање на американските воени операции сè уште да се далечни. Но расте итноста тие да се идентификуваат, бидејќи нафтената криза предизвикана од војната се заканува со глобална економска катастрофа. А кревката политичка позиција на Трамп ризикува дополнително да ослабне поради повисоките цени на бензинот за кои тој инсистира дека се „привремени“.
Конфликтот, исто така, го поткопува предизборното ветување на Трамп дека нема да започнува нови војни. Тоа не е политичка ситница. Тоа е обврска што во срцата ја носат стотици илјади американски војници, мажи и жени што служеа во војните по 11 септември и се заколнаа дека ќе им оддадат почит на паднатите соборци со спротивставување на нови странски сплетки.
Во екот на отсечната самоувереност на неговата прес-конференција во вторникот, Хегсет зборуваше директно за оваа доверба од својата перспектива како одликуван ветеран од војните во Ирак и Авганистан: „Ова не е бескрајно градење држави во такви мочуришта какви што видовме под Буш или Обама. Ни приближно. Нашата генерација војници нема повторно да дозволи тоа да се случи, ниту пак овој претседател“, рече Хегсет.
За разлика од оние соборци што се противат на нови авантури, Хегсет заклучи дека одговорот е поубиствен и понезауздан вид американско војување, спроведен преку жестоки воздушни кампањи — или операции на специјални сили како онаа што го собори претседателот на Венецуела.
„Го кршиме непријателот со огромна демонстрација на техничка умешност и воена сила“, рече тој за војната со Иран. „Нема да попуштиме додека непријателот не биде целосно и решително поразен. Но тоа го правиме… според нашата временска рамка и по наш избор.“
Дали оваа методологија функционира е едно од најкритичните прашања на надворешната политика на Трамп во неговиот втор мандат. Претседателот, меѓутоа, се мачи да оформи јасно образложение за војната. Тој се префрлаше меѓу предупредувањата дека Иран е на чекор од уништување на Блискиот Исток и дека повторно изградил нуклеарна програма за која претходно самиот тврдеше дека ја „уништил“.
Тој се залагаше за промена на режимот и бараше самиот да го именува следниот лидер на земјата — но исто така рече дека можеби ќе постигне договор со некој ирански свештеник.
Овој недостиг од реторичка прецизност објаснува зошто администрацијата сега се мачи да најде поубедливи сценарија за крај на војната.
Во вторникот, портпаролката на Белата куќа Каролин Левит беше прашана што мисли Трамп кога бара безусловна капитулација на Иран.
„Кога претседателот Трамп вели дека Иран е во позиција на безусловна капитулација, тој не тврди дека иранскиот режим ќе излезе и самиот ќе го каже тоа“, објасни Левит. „Она што претседателот го мисли е дека заканите на Иран повеќе нема да бидат поткрепени со арсенал балистички ракети што ги штити додека градат нуклеарна бомба во својата земја.“
Таа продолжи: „Претседателот Трамп ќе утврди кога Иран е во позиција на безусловна капитулација, кога повеќе нема да претставува веродостојна и директна закана за Соединетите Американски Држави и за нашите сојузници.“
Можно е Левит да се обидувала да го ублажи условот на Трамп што не може да се исполни. Но тешко е да се поверува во идејата дека тој би можел да прифати лажна иранска капитулација.
Зошто и Иран би можел да прогласи победа
Но не е само епилогот тоа што не се совпаѓа. Трамп се двоумеше да им каже на Американците што навистина се случува. Тој ја нарекува војната „екскурзија“, во класичен пример на тенденцијата што ја опиша Џорџ Орвел — политичарите да го злоупотребуваат јазикот за да ја прикријат реалноста наместо да ја изразат вистината.
Со кажување поконкретни воени цели можеби ќе се избегнеше сегашниот проблем на Трамп.
Администрацијата има силен аргумент дека американските и израелските воздушни напади нанесуваат катастрофална штета врз иранската ракетна, нуклеарна и воена инфраструктура, а сега и врз економските темели на режимот. Со еден обеззабен Иран Израел и регионот би биле побезбедни и тоа би се сметало за значајна победа за претседателот дури и ако режимот опстане. Но неговите преголеми очекувања и хаотични оправдувања за нападите може да го намалат значењето на таквото постигнување.
Но прераното претседателско прогласување победа, што ја игнорира реалноста на сè уште развиорена војна, би повторило еден образец што ја прогонува современата американска надворешна политика.
Честопати изгледа дека Америка води различни војни од своите противници. А во сегашната војна можно е двете страни да тврдат дека победиле кога борбите ќе престанат.
Теократскиот режим на Иран е под жестоки удари од најголемата светска суперсила и од една регионална сила. Неговата војска се уништува, а неговото регионално влијание, градено со децении, се распарчува. Но сè освен целосен пораз — без разлика дали Трамп лажно ќе тврди дека режимот капитулирал — би се сметало за победа.
„Мислам дека иранското раководство разбира дека воено е послабо од Соединетите Американски Држави и дека нема да има воена победа“, изјави Мохамад Али Шабани, уредник на Амваџ.медија, за Си-ен-ен. „Мора да се размисли како Иран би ја дефинирал победата. Бидејќи секоја држава мора да има некакво крајно сценарио во кое може да тврди дека победила.“
„Мислам дека за (иранскиот режим) се работи за тоа да може да каже дека преживеал“, рече Шабани.
Историјата има лекции за Иран
Несовпаѓањето во американската борба против Иран е карактеристично за многу современи војни на Вашингтон.
Обично САД се потпираат на огромна огнена моќ, на способностите на своето високотехнолошко оружје и на капацитетот со прецизност да нанесат огромно насилство низ огромно бојно поле. Речиси секогаш се соочуваат со многу послаби противници.
Но непријателите се приспособуваат и водат асиметрична војна. Често го збунуваат Вашингтон со својата издржливост, со герилски тактики или со користење на локалните услови, теренот или културата што САД не ја разбираат.
На Трамповото прогласување победа Иран би можел да одговори со терористички напади врз американски „меки цели“ низ светот; со постојани ракетни напади во Заливот; или со активирање на преостанатите сојузнички милиции како Хезболах и Хамас. Целта на поставувањето мини во Ормускиот теснец — клучна рута за извоз на нафта — е да ги зголеми трошоците за Трамп. Војувањето со беспилотни летала од новата генерација е евтин и лесен начин брзо да се обнови заканата надвор од неговите граници.
Техеран без сомнение ги проучил сценаријата на претходните противници на САД што биле послабо вооружени.
Во Виетнам, комунистичките герилци од Виетконг и северновиетнамската армија се претопуваа со густите џунгли каде што имаа предност над американските војници. Во Ирак, распадот на државата доведе до појава на бунтовнички движења и секташки милиции што создадоа смртоносни боишта за американските сили. Во Авганистан, талибанците чекаа речиси две децении Америка да си замине, следејќи го примерот на претходниците што издржаа против советската и британската империја.
А Техеран има уште една предност: географијата.
Оддалеченоста на Америка од таквите боишта, исто така, објаснува зошто странските војни не можат да траат бескрајно кога граѓаните почнуваат да се прашуваат зошто се борат за туѓи битки со американска крв и богатство. Пропустот на Трамп правилно да ја подготви земјата за оваа војна и да дефинира јасни цели и стратегија за излез го прави особено ранлив по ова прашање додека се приближува пресуден момент во војната.
Освен ако не дојде до ненадејна трансформација на еден регион натопен во крв и до пад на еден режим што му се спротивставува на САД речиси 50 години, тој наскоро ќе се соочи со дилема позната за многу современи претседатели.
Ќе создаде лажна или делумна победа и ќе се извлече? Или ќе биде вовлечен уште подлабоко?






