петок, 13 јуни 2025

Си-ен-ен: Украина и Русија во моментов не војуваат за Донбас, туку за вниманието на Трамп

Да не се лажеме, вистинската битка во војната во Украина моментално не се води на небото над Киев или Днепар, каде што нападите со руски беспилотни летала драстично се зголемија во последните денови. Ниту бавниот и исцрпувачки напредок на руската армија на боиштата во источна Украина нема да биде решавачки за исходот на конфликтот, кој сега влегува во третата година, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Не, клучната борба што моментално се води меѓу завојуваните страни и нивните сојузници е за вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е сè пофрустриран од обидите за постигнување мир.

Затоа неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин што се очекува подоцна денеска може да има клучно значење.

И Москва и Киев се обидуваат да го убедат Трамп дека другата страна е вистинската пречка за мирот, надевајќи се дека ќе го придобијат неговото променливо мислење на своја страна, барем за некое време.

Европските претставници велат дека и тие ќе разговараат со Трамп пред неговиот разговор со Путин, поради загриженоста дека ставот на Трамп за конфликтот може да зависи од тоа со кого последно разговарал.

По разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски на погребот на папата Франциско, Трамп ги даде можеби најкритичните забелешки против Путин, осудувајќи го за ракетниот напад врз Киев и додаде дека не може со сигурност да каже дали Путин е сериозен во однос на завршувањето на војната.

Сѐ додека трае денешниот разговор, Путин – кој одби да го прифати 30-дневниот прекин на огнот што го побара претседателот Трамп, на кој Украина се согласи – ќе го има целосното внимание на Трамп. Тој ќе може да изнесе секакви бизнис-стимулации, ласкања или злонамерни инсинуации.

Трамп и Путин се чини веќе споделуваат силна верба дека само тие лично ги имаат авторитетот и вештините потребни за да ѝ се стави крај на војната во Украина, додека Европејците и самите Украинци на крај ќе направат како што ќе им биде кажано.

Минатонеделните разочарувачки разговори во Истанбул, првата директна средба меѓу руските и украинските преговарачи од почетокот на војната, се чини дека дополнително ја зацврстија вербата на Трамп во неговата централна улога во постигнувањето договор. Ова го поттикна повторно да се вклучи во мировните напори со директен апел до Путин, откако неодамна се закани дека ќе се повлече од нив.

Украинците многу стравуваат дека двајцата лидери ќе си скројат свој сопствен мировен план по телефон и дека Трамп, кој вели дека потоа ќе му се јави на својот украински колега Зеленски, може потоа да се обиде да ги наметне Путиновите услови со нова закана за повлекување на клучната американска воена и економска помош.

Претседателот Трамп има адути и против Русија доколку одлучи да ги искористи. Со зголемувањето на бројот на жртвите и напнатата економија, Кремљ несомнено сака да ги избегне гневот и отуѓувањето од Трамп, до тој степен што тој потоа би ја обновил, па дури и удвоил американската поддршка за украинските воени напори.

Како и секогаш, проблем останува фактот што ниту Русија ниту Украина во моментов не се спремни да ги прифатат ни минималните услови на другата страна, ниту да ги компромитираат сопствените барања доволно за да го задоволат својот ривал.

Ова не значи дека разговорите, без разлика дали се директни, лице-в-лице или телефонски, се бесмислени. Ако ништо друго, тие може да покажат колку всушност се оддалечени двете страни.

Но она што може да значи е дека дури и под американски притисок, дури и по директен телефонски разговор со претседателот Трамп, и Москва и Киев сепак може да одлучат да ја продолжат борбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ