Дали Трамп ќе доживее слична судбина, останува да се види, а изборите во Вирџинија, Њу Џерси и Њујорк би можеле да послужат како прв индикатор, пишува Си-ен-ен.
Повторување на грешката на Бајден
Инфлацијата е далеку од кризните нивоа од годините на Бајден, но никогаш не исчезнала. Покрај тоа, таа повторно се зајакнува и во септември се искачи на највисоката годишна стапка од јануари, делумно поради царините на претседателот. Цените на храната исто така не се намалија – според Бирото за статистика на трудот, тие се зголемиле за 1,4 отсто откако Трамп ја презеде функцијата.
Негирањето на таа реалност е тешко да им се продаде на Американците, од кои многумина, според анкетите, ја презираат оваа економија токму затоа што чувствуваат повисоки цени секој пат кога одат на шопинг. Нова анкета на Си-ен-ен покажува дека 72 отсто од Американците сметаат дека економијата е во лоша состојба, а 47 отсто ги наведуваат трошоците за живот како најголем проблем со кој се соочува земјата.
Слично на тоа, Бајден имаше слаби резултати во економските анкети. Во јуни 2022 година, кога инфлацијата се приближуваше до највисокото ниво во последните четири децении, Бајден се пофали со силен раст на БДП. „Видете, тука сме. Имаме најбрзо растечка економија во светот“, кажа тој тогаш. Иако ја нарече инфлацијата „проклетство на нашето постоење“, тој ја минимизираше, велејќи дека е „главно во храната и бензинот“.
Таквиот пристап веројатно придонесе за изборниот пораз на демократите во 2024 година. Иако Бајден подоцна правилно тврдеше дека растот на цените се забавува, гласачите не беа убедени бидејќи кумулативните ефекти од зголемувањето на цените сè уште беа болни.
Тактиките на Трамп се различни – тој не го минимизира проблемот, туку едноставно кажува лаги и за сè го обвинува Бајден. Сепак, резултатите би можеле да бидат исти, бидејќи гласачите не гледаат позитивно на политичарите кои ги игнорираат нивните животни искуства.
Реалноста што ја чувствуваат потрошувачите
Иронично, токму Трамп беше тој што често го критикуваше Бајден дека не ја признава доволно болката што инфлацијата им ја предизвика на Американците. Сега кога тој е во Белата куќа, тие проблеми наследени од него станаа негови. Обвинувањето на Бајден или негирањето на реалноста се чини дека не функционира. Според анкетата на Си-ен-ен, приближно 6 од 10 Американци (61 отсто) велат дека политиките на Трамп ги влошиле економските услови во земјата.
Американците не само што се жалат на високите цени, туку ги менуваат и своите навики за трошење. Компании како Чипотл, Кока кола и Крокс објавија дека клиентите со пониски и средни приходи ги намалуваат трошоците. И покрај силната економија на хартија, послабата вработеност и намалувањето на социјалните бенефиции придонесуваат за нервоза кај граѓаните, а неплаќањата на кредитите повторно се во пораст меѓу најранливите групи.
Ефектот на инфлаторна снежна топка
Проблемот со инфлацијата е што е кумулативна. Години на зголемување на цените создаваат ефект на снежна топка. Според Мудис аналитика типичното американско домаќинство денес троши 208 долари повеќе месечно за купување на истите стоки и услуги отколку во септември 2024 година. Гледајќи ја пошироката слика, поради инфлацијата, типичното домаќинство троши дури 1.043 долари повеќе месечно отколку на почетокот на 2021 година.
Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел неодамна објасни зошто Американците не се грижат за бројките како растот на БДП кои политичарите сакаат да ги фалат. „Потрошувачите не се заинтересирани за таа приказна“, кажа Пауел.
„Нивните цени се повисоки. Причината зошто се толку незадоволни од инфлацијата е инфлацијата што ја имавме во 2021, 2022 и 2023 година. Може да се каже дека цените не растат толку многу, но тоа не значи дека луѓето не ги чувствуваат тие повисоки цени… Тие ги чувствуваат, и затоа голем дел од јавноста… инфлацијата и понатаму ги прави луѓето многу несреќни.“
Пауел додаде дека ќе биде потребно време за ефектот од повисоките цени да се намали. „Со текот на времето ќе се подобри, но ќе биде потребно време“, кажа тој.
На крајот на краиштата, лекцијата за Трамп можеби најдобро ја сумира демократскиот стратег Дејвид Плауф. Во книгата „Исконски грев“ за мандатот на Бајден, Плауф кажа дека фаталната грешка на демократите била негирањето на реалноста на која гласачите биле сведоци. „Како партија, никогаш повеќе не смееме да им сугерираме на луѓето дека она што го гледаат не е вистина“, порача тој.






