понеделник, 2 март 2026

Си-ен-ен: Тимот на Трамп никако да си ја усогласи приказната за војната со Иран

Министерот за одбрана Пит Хегсет денес, зборувајќи за војната на администрацијата на Трамп со Иран, изјави: „Нашите ставови се многу јасни“. Рече дека постојат „јасни цели“ и уверуваше дека мисијата за американските војници е „многу, многу јасна“. Но додека ја презема можеби најсериозната и најтешка американска воена операција во последните две децении, администрацијата понуди сѐ само не јасност, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пред саботниот напад врз Иран одбиваше да претстави доследни цели и причини за војната, а во трите дена од почетокот на операцијата постојано ги менува целите и си противречи самата на себе, пишува Си-ен-ен.

Претседателот Доналд Трамп денес првпат јавно се обрати откако започнаа нападите и изнесе четири цели на војната: уништување на иранските ракетни способности и морнарицата, како и спречување на развојот на нуклеарно оружје и вооружувањето терористи. Меѓутоа, патот до таа изјава беше долг и исполнет со противречности.

Нуклеарната закана

Можеби најзбунувачка е еволуцијата во начинот на кој администрацијата ја опишуваше нуклеарната закана што ја претставува Иран. Иако Трамп со месеци тврдеше дека неговите напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни ја „уништиле“ нуклеарната програма на таа земја, тој и неговиот тим неодамна повторно почнаа да ја нагласуваат таа закана.

Специјалниот пратеник на Трамп за Блиски Исток, Стив Виткоф, на 22 февруари тврдеше дека Иран збогатува ураниум „далеку над“ нивото за цивилна употреба, додавајќи дека „веројатно се една недела од материјал за изработка на индустриска бомба“.

Потоа, минатиот вторник, Трамп во говорот за состојбата на нацијата изјави дека Иран развива интерконтинентални балистички ракети „што наскоро ќе можат да ги досегнат Соединетите Американски Држави“. Меѓутоа, државниот секретар Марко Рубио му противречеше на Виткоф, велејќи во средата дека Иран „моментално не збогатува“ ураниум, но дека на други начини се обидува повторно да ја активира својата нуклеарна програма.

Американските разузнавачки податоци исто така се во спротивност со тврдењата на Трамп. Една необјавена проценка на Одбранбената разузнавачка агенција од минатата година наведува дека иранскиот напад врз САД со такви ракети е деценија далеку, а Си-ен-ен и други светски медиуми објавија дека нема податоци што укажуваат на непосредна опасност.

Во понеделникот, министерот за одбрана Хегсет понуди сосема нова верзија. Не рече, како Виткоф, дека Иран збогатува ураниум на опасно високи нивоа, ниту дека има ракети што наскоро би можеле да го погодат американското тло.

Наместо тоа, го наведе трупањето конвенционално оружје како основа за посериозни закани во иднина, кои го нарече „конвенционален штит“ или „чадор“.

Фото: ЕПА

„Иран градеше моќни ракети и дронови за да создаде конвенционален штит за своите амбиции за нуклеарна уцена“, рече Хегсет, додавајќи дека тоа ги загрозува „нашите бази, нашите луѓе и нашите сојузници“ во регионот. „Одолжуваа, купуваа време за да ги обноват резервите од ракети и повторно да ги активираат своите нуклеарни амбиции“, изјави тој.

Така, оправдувањата за само една недела се сменија – од непосредна закана дека Иран поседува материјал за нуклеарна бомба, преку тврдења дека може да нападне американско тло, до тоа дека сега користи конвенционално оружје за да создаде услови за „повторно активирање на своите нуклеарни амбиции“.

Тоа е значајно отстапување, вели Си-ен-ен. Додека тврдењата на администрацијата на Џорџ В. Буш за ирачкото оружје за масовно уништување се разоткриваа со години, тврдењата на администрацијата на Трамп за Иран се распаѓаат во рок од неколку часа или денови.

Дали Иран се подготвуваше да нападне

Освен наводната непосредна нуклеарна закана, администрацијата во саботата тврдеше и дека Иран е подготвен да ги нападне американските сили на Блискиот Исток со конвенционално оружје, што беше една од причините зошто Трамп морал да дејствува.

Висок функционер на администрацијата им изјави на новинарите дека постојат докази оти Иран би можел да нападне, „потенцијално, превентивно“. „Претседателот одлучи дека нема да седи со скрстени раце и да дозволи американските сили во регионот да трпат напади со конвенционални ракети“, рече функционерот.

Но ниту тоа објаснување не се покажа точно. Извор запознаен со разузнавачките податоци изјави за Си-ен-ен дека немало индикации оти Иран планира прв да ги нападне американските сили, освен ако не биде нападнат од Израел или САД.

Промена на режимот

Уште една голема промена во пораките на администрацијата се однесува на промената на режимот. Во часовите по почнувањето на нападите, Трамп повеќепати нагласи дека промената на режимот е цел, можеби и главна. „Сѐ што сакам е слобода за народот“, изјави за Вашингтон пост.

Во својата прва видеопорака за операцијата ѝ порача на иранската опозиција: „Америка ве поддржува со огромна сила и разорна моќ. Сега е време да ја преземете контролата врз својата судбина… Кога ќе завршиме, преземете ја својата влада. Таа ќе биде ваша“.

Сега се чини дека администрацијата се премислила. Во повеќе наврати ја минимизираше улогата на САД во промената на режимот, што Хегсет во понеделникот изречно го потврди: „Ова не е таканаречена војна за промена на режим“. Но веднаш додаде: „Но режимот секако се промени. И светот денес поради тоа е подобар“.

Недоследности постојат и околу убиството на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи. Трамп во неделата за Еј-би-си њуз изјави: „Го средив пред тој да ме среди мене… Јас прв го средив“. Од друга страна, републиканскиот конгресмен Мајк Тарнер изјави за Си-би-ес њуз дека Рубио му рекол: „Не го целевме Хамнеи и не го целевме раководството во Иран“.

Хегсет денес го повтори тоа, дистанцирајќи ги САД од акцијата: „Мислам дека Израел заврши одлична работа во таа операција“.

Американските разузнавачки информации очигледно биле споделени со Израел. Но индикативно е што администрацијата се обидува да се огради од најзначајниот потег насочен кон промена на режимот.

Временската рамка и што следува понатаму

Трамп во текот на викендот даваше збунувачки изјави и за тоа кој треба да ја преземе власта во Иран. Во интервју за Њујорк тајмс изјави дека има „три многу добри опции“ за нов водач, но одби да ги именува.

Подоцна, за Еј-би-си њуз ненадејно сигнализираше дека тие луѓе се мртви. „Нападот беше толку успешен што ги елиминираше повеќето кандидати. Тоа нема да биде никој од оние за кои размислувавме, бидејќи сите се мртви“, изјави тој.

Администрацијата се мачи и со дефинирањето на потенцијалното траење на војната, што Хегсет во понеделникот го нарече „прашање во стилот ‘фати ме ако можеш’“.

Трамп во текот на викендот спомнуваше периоди од „четири до пет недели“, „два или три дена“ и „една недела“. Во понеделникот за Си-ен-ен рече дека „сме малку пред предвиденото“, а воедно најави и засилување на воените активности.

„Сѐ уште не сме почнале сериозно да ги удираме. Главниот бран сѐ уште не се случил. Оној големиот допрва доаѓа“, рече Трамп во телефонското интервју.

А на настан во понеделникот изјави дека војската „има капацитет да дејствува многу подолго“ од неговата проценка од четири до пет недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ