„Тие сè уште се во голема мера подготвени да предизвикаат комплетен хаос низ целиот регион“, рекол еден од изворите за Иран.
Вкупната проценка на американските разузнавачи може да вклучува и лансери, кои моментално не се достапни, како оние вкопани под земја од нападите, но не и уништени.
Илјадници ирански дронови сè уште постојат — приближно 50% од способностите на земјата — навеле двајца од изворите. Разузнавачките податоци, составени последниве денови, исто така покажале дека голем процент од крајбрежните крстосувачки ракети за одбрана на Иран се недопрени, што е во согласност со тоа што САД не ја фокусирале воздушната кампања врз крајбрежните воени цели, иако погодувале бродови. Тие ракети претставуваат клучна способност што му овозможува на Иран да го загрозува поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец.
Разузнавачките податоци даваат послоевита слика за преостанатите способности на Иран во споредба со широките проценки за воена победа што јавно ги изнесуваа претседателот Доналд Трамп и претставници од администрацијата.
Во обраќање до нацијата во средата вечерта, Трамп изјави дека способноста на Иран „да лансира ракети и дронови е драстично намалена, а нивните фабрики за оружје и ракетни лансери се разнесени, многу малку од нив останале“.
Заклучно со средата, САД погодиле повеќе од 12.300 цели во Иран, според Централната команда. Изворите велат дека податоците покажуваат дека американската војска ги ослабнала воените способности на Иран, а клучни високи лидери биле убиени во американските и израелските напади, вклучувајќи ги врховниот лидер Али Хамнеи и Али Лариџани, шеф на Советот за национална безбедност на Иран.
Покрај ракетните лансери, Иран има и голем број ракети, според разузнавањето.
Во јавни изјави, Пентагон се повикува на намалување на бројот на лансираните ракети од Иран, наместо на бројот што е уништен. Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави на брифинг на 19 март дека „балистичките ракетни напади врз нашите сили се намалени за 90% од почетокот на конфликтот, исто како и беспилотните летала за еднократен напад, таканаречени камиказе-дронови — намалени се за 90%“.
Како одговор на прашања за оваа сторија, портпаролката на Белата куќа Ана Кели рекла дека „анонимни извори очајно се обидуваат да го нападнат претседателот Трамп и да ја омаловажат извонредната работа на нашата американска војска во постигнување на целите на операцијата ‘Епски гнев’“.
„Еве ги фактите: иранските балистички ракети и напади со дронови се намалени за 90%, нивната морнарица е уништена, две третини од нивните производствени капацитети се оштетени или уништени, а САД и Израел имаат апсолутна воздушна доминација над Иран“, рече таа. „Терористичкиот режим е воено уништуван и нивната ситуација станува сè потешка од ден на ден — нивната единствена надеж е да постигнат договор со администрацијата на Трамп и засекогаш да се откажат од своите нуклеарни амбиции. Во спротивно, ќе бидат погодени посилно од кога било досега“.
Еден функционер од администрацијата додал дека иранските балистички ракети се уништуваат брзо.
Израел, земјите од Заливот и американски воен персонал продолжуваат да се соочуваат со редовни напади со ракети и дронови.
Портпаролот на Пентагон Шон Парнел го оспори извештајот на Си-ен-ен, нарекувајќи го „целосно неточен“.
„Американската војска нанесе серија разорни удари врз иранскиот режим“, рече Парнел. „Ние сме далеку пред предвидениот рок во исполнувањето на нашите воени цели: уништување на ракетниот арсенал на Иран, уништување на нивната морнарица, елиминирање на нивните терористички прокси-сили и обезбедување Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје“.
Израелски воени претставници го проценуваат бројот на оперативните ирански лансери на пониско ниво, околу 20–25%. Израел не ги вклучува лансерите што се закопани или недостапни во пештери и тунели во својата проценка, според извор запознаен со американските разузнавачки проценки и израелски извор.
Во средата, Трамп изјави дека операциите на САД може да завршат за две до три недели.
Првиот извор што ја прегледал разузнавачката проценка рекол дека таквата цел е нереална, со оглед на тоа колку средства Иран сè уште има на располагање.
„Можеме да продолжиме жестоко да ги напаѓаме, не се сомневам во тоа, но сте неразумни ако мислите дека ова ќе заврши за две недели“, рекол изворот.
Хегсет оваа недела изјави дека огнената моќ на Иран продолжува да се намалува.
„Да, тие сè уште ќе испукуваат некои ракети, но ние ќе ги соборуваме“, рече тој. „Важно е да се напомене дека во последните 24 часа се забележани најнизок број ракети и дронови испукани од Иран. Тие ќе одат под земја, но ние ќе ги најдеме“.
Можноста да се кријат под земја е главната причина зошто лансерите не се дополнително уништени, рекле два извори. Иран со децении ги крие лансерите во обемни мрежи од тунели и пештери, што ги прави особено тешки за таргетирање. Исто така, користи мобилни платформи што брзо се преместуваат, што дополнително го отежнува нивното следење.
САД и Израел сè почесто ги гаѓаат влезовите во тие подземни објекти и опремата што се користи за пристап до нив, како булдожери и тешка механизација, рекла аналитичарка од Американ ентерпрајз институт.
Новата разузнавачка проценка доаѓа и во момент кога САД имаат потешкотии повторно да го отворат Ормускиот теснец, признавајќи дека не можат да гарантираат отворање на овој клучен воден пат пред крајот на војната.
Иако иранската морнарица во голема мера е уништена, посебните поморски сили на Револуционерната гарда сè уште имаат околу половина од своите капацитети, вклучувајќи стотици, ако не и илјадници мали бродови и беспилотни пловни средства.
Според Централната команда на САД, оштетени или уништени се повеќе од 155 ирански пловни објекти, но не е јасно на кои сили точно се однесува тоа.
Поморските сили на Револуционерната гарда се клучни за вознемирување на бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец.
„Сè уште има работи што остануваат — прокси-силите, како и дроновите, а Иран неодамна покажа дека сè уште може да го таргетира сообраќајот во теснецот“, рекла аналитичарката. „Значи, има уште многу цели што треба да се погодат ако сакаме целосно да ги уништиме тие капацитети“.






