среда, 11 март 2026

Си-ен-ен: Русија му дава на Иран конкретни совети за тактиките со беспилотни летала

Русија му помага на Иран со напредни тактики за беспилотни летала од својата војна во Украина за напади врз цели на САД и државите од Персискиот Залив на Блискиот Исток, рекол еден западен разузнавачки функционер за Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Беспилотните летала шахед, дизајнирани од Иран, но масовно произведувани во Москва за употреба во Украина, покажале неочекуван успех во пробивањето на воздушната одбрана на државите од Персискиот Залив. Разузнавачката размена на Русија со Иран досега беше пријавувана како општа помош за таргетирање, но конкретните тактички совети претставуваат ново ниво на поддршка.

„Она што беше поопшта поддршка сега станува позагрижувачко, вклучително и стратегии за таргетирање со беспилотни воздушни системи (БВС) што Русија ги користеше во Украина“, рекол функционерот, кој не сакал да биде именуван бидејќи зборува за чувствителни разузнавачки информации. Функционерот одбил да прецизира каква точно тактичка помош се дава, но Русија ги користеше беспилотните летала шахед против Украина во бранови, со повеќе летала што летаат заедно и редовно го менуваат правецот за да ја избегнат воздушната одбрана. Си-ен-ен побарал коментар од Кремљ.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски во средата напиша на Икс дека „Русија почна да го поддржува иранскиот режим со беспилотни летала. Таа сигурно ќе помогне и со ракети, а исто така им помага и со воздушна одбрана“. Киев испратил експерти за пресретнување беспилотни летала во регионот на Персискиот Залив, за да го споделат украинското искуство во запирањето на релативно евтините шахед, кои можат да чинат околу 30.000 долари. Украина разви мали пресретнувачки летала што чинат околу 5.000 долари по парче и можат брзо да се произведуваат.

Осврнувајќи се на пошироката закана во Заливот, функционерот рекол дека се „навистина загрижени“ поради употребата на мини од страна на Иран во Ормускиот теснец, како и од морските беспилотни летала и нискотехнолошки напади со традиционалните рибарски бродови доу врз ударните групи на носачи на авиони на САД. Иран тврдеше дека го погодил УСС Абрахам Линколн во почетокот на војната, но САД го негираа тоа. „Линколн не беше погоден“, објави Централната команда на САД на Икс во тоа време. „Лансираните ракети не се ни приближија.“

Западниот функционер рекол дека поддршката на Кина за Иран е „загрижувачка“, но одбил да даде детали.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ