Дисциплинираното спроведување на политиките во првите месеци од вториот мандат на претседателот Доналд Трамп — кога добро подготвените извршни наредби го преобликуваа Вашингтон и глобалните приоритети на САД — сега е само далечен спомен.
Затворањето на УСАИД, расклопувањето на федералната влада и нападите врз наставните програми на елитните универзитети можеби беа контроверзни, вели Си-ен-ен. Но тие произлегоа од еден рационален план подготвен за време на четиригодишниот егзил на Трамп од Белата куќа.
Во последно време, сепак, изгледа дека Трамп импровизира повеќе од обично. И станува сè поекстремен. Неговиот избувлив темперамент во Вашингтон — за разлика од поведрото расположение за време на викендите дома на Флорида — станува сè поопасен.
Колку далеку ќе оди во својата потрага по доминација може да зависи од судирот меѓу неговите изливи во силеџиски стил и домашните и меѓународните политички реалности што повремено го сопираат.
Дива недела во нестабилна година
Само минатата недела, Трамп предизвика згрозеност со најрасистичката порака што некој ја памети од Белата куќа, кога на неговиот профил на Трут соушл беше споделено анимирано видео што ги прикажува Барак и Мишел Обама како мајмуни.

Трамп повторно ги доведе во прашање изборите, откако директорката на националното разузнавање на САД, Тулси Габард, отпатува во Џорџија во потрага по докази за да ја потврди неговата опсесија со лажна изборна измама во 2020 година. Минатата недела тој изрази нови сомнежи дека некој ќе се обиде да ги намести ноемвриските меѓуизбори, барајќи национализација на изборниот процес.
Во меѓувреме, се зголеми конфузијата околу статусот на неговата офанзива против мигрантите, откако двајца американски државјани беа застрелани од федерални агенти испратени во Минесота. Сега Трамп повикува на „помек пристап“. Но ова можеби е само ребрендирање за да се ублажи катастрофалниот впечаток од чистката што отуѓи многу гласачи. Федералните агенти испратени на улиците во каки-униформи беа директен резултат на постојаните лични барања на Трамп за милитаризација на спроведувањето на законот.

Во исто време, опсесијата на Трамп со сопственото наследство и неговите манијакални обиди да го залепи своето име насекаде добија нов пресврт, откако се појавија информации дека сакал меѓународниот аеродром Далес и железничката станица Пен во Њујорк да бидат преименувани по него.
Во неделата, тој повторно се впушти во тирада на Трут соушл, напаѓајќи го настапот на полувремето на Супербоулот на порториканската ѕвезда Бед Бани како „навреда за велелепноста на Америка“, тврдејќи дека „никој не разбира ни збор од тоа што го зборува овој човек, а танцувањето е одвратно, особено за мали деца“.
Претходно, претседателот жестоко го нападна американскиот олимписки скијач Хантер Хес, кој изјави дека тоа што „го носи знамето не значи дека ги претставува сите работи што се случуваат во САД“. Трамп напиша: „Ако е така, не требало ни да се пријави за тимот, и штета што воопшто е дел од него.“
Од време на време, Трамп дејствува на конвенционален, стратегиски начин — на пример со лансирањето на веб-страницата ТрампРкс минатата недела, наменета за намалување на цените на лековите — иако планот е многу порестриктивен отколку што тој често тврди.
Но сè посилен е впечатокот за претседател што е фокусиран на сопствените, често хаотични цели, додека е рамнодушен кон положбата на обичните гласачи. Во интервју за Ен-би-си, емитувано за време на Супербоулот, тој, на пример, изјави дека е „многу горд“ со економијата, изнесувајќи погрешен аргумент дека ги намалил цените на храната во целина. Иако берзата е во одлична форма — индексот Дау Џоунс минатата недела првпат затвори над 50.000 поени — економијата на Трамп сè уште не остварила придобивки за сите слоеви на населението.
Политичката цена на оваа импулсивна самовљубеност станува сè поочигледна. Во анкета на Си-ен-ен минатиот месец, само 36 отсто од Американците рекле дека претседателот има вистински приоритети, во споредба со 45 отсто во почетокот на неговиот мандат. Само една третина од Американците сметаат дека Трамп се грижи за луѓето како нив — пад од 40 отсто минатиот март и најлош резултат во неговата политичка кариера.

Гренланд покажува како дивата реторика станува правило
Некои политики на администрацијата покажаа одредено ниво на планирање и спроведување — како акцијата што доведе до падот на претседателот Николас Мадуро во Венецуела. Но хаосот и непредвидливоста, кои потсетуваат на управувањето на Трамп за време на пандемијата со ковид-19 во неговиот прв мандат, повторно се засилуваат.
Еден повторувачки модел оваа година е следниот: претседателот излегува со дива изјава или обвинување, а потоа функционерите трчаат да ја оправдаат и да постапат според неговата импулсивна волја.
Таков беше случајот кога барањата на Трамп Данска да му го отстапи Гренланд во јануари речиси го разнишаа НАТО. Истото се гледа и во неговото постојано манипулирање со царините.
Ерупцијата околу Гренланд, сепак, покажа дека дури и Трамп понекогаш се судрува со меѓународни и домашни реалности. Европскиот отпор и гневот кај републиканците поради гренландската авантура доведоа до отстапување по неговото патување во Давос, Швајцарија.
Во други моменти, ослабената политичка позиција на неговото претседателство го принудува на пресметка, како кога републиканскиот бес го натера да го отстрани расистичкото видео од Трут соушл.
Овој постојан судир меѓу желбата на Трамп да располага со сè понеконтролирана моќ и преостанатите политички и уставни ограничувања станува клучна одлика на политиката во годината на меѓуизборите.
Изборите ќе покажат дали гласачите низ целата земја сакаат да го ограничат Трамп или да му дадат уште поширока слобода. И дали тој ќе ја прифати нивната демократска пресуда.
Се наѕира судир околу АЈС
Никој не знае што ќе направи Трамп понатаму. Можеби ни тој самиот. Но еден судир на кој земјата може да смета оваа недела е оној околу АЈС.
Демократите се надеваат дека ќе ја искористат борбата околу финансирањето на Министерството за внатрешна безбедност — што се заканува со затворање на владата до крајот на неделата — за да им воведат ограничувања на агентите на АЈС по убиствата на Рене Гуд и Алекс Прети.
„Знаеме дека АЈС е целосно и тотално надвор од контрола“, изјави лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, за Си-ен-ен. „Отидоа предалеку, а американскиот народ сака тие да бидат ставени под контрола, бидејќи спроведувањето на имиграциските закони треба да биде фер, правично и хумано.“
Републиканците, пак, возвраќаат, и покрај повикот на Трамп за помек пристап и воведувањето камери на телата на агентите на АЈС во Минесота минатата недела.
Овој судир повторно ќе тестира дали демократите можат да ја искористат растечката јавна вознемиреност од Трамп за да воведат суштински ограничувања на неговите политики, иако се исклучени од власта и на Капитол Хил и во Белата куќа.
Минатата недела администрацијата соопшти дека ќе повлече 700 агенти на АЈС од Минеаполис. Ова, како и повикот на Трамп за „помек пристап“, создаде услови за поволни наслови откако јавноста се сврте против неговите методи на спроведување.
„Причината што се повлекуваме е затоа што завршивме одлична работа таму“, изјави Трамп за Ен-би-си во интервјуто за време на Супербоулот.
„Тоа беше одвратно видео“
Одбивањето на Трамп да се извини за расистичкото видео објавено на Трут соушл покажува колку неговата историја на скандалозно однесување го поштедила од последиците. Кој било извршен директор што би објавил ваков материјал би можел да очекува отказ. Но Белата куќа првично не ја обвини навредливата содржина, туку оние што се почувствуваа навредени.
Сепак, гневот кај републиканците — вклучително и осудата од единствениот црн сенатор од Републиканската партија, Тим Скот — брзо ја поткопа политичката основа на таа позиција. Содржината беше избришана, а вината беше префрлена на член на персоналот. Трамп инсистираше дека не го видел навредливиот дел, но одби да се извини, тврдејќи дека не направил ништо погрешно.
Неговата тврдоглавост предизвика нов бран критики во неделата.
„Тој недвосмислено мора да се извини. Тоа беше одвратно видео“, рече Џефрис. „Претседателот беше правично, соодветно и силно осуден од луѓе низ целата земја — од демократите, па дури и од некои републиканци, кои конечно покажаа ‘рбет спротивставувајќи се на неговото злонамерно, одвратно однесување.“
Републиканскиот конгресмен од Њујорк, Мајк Лоулер, кој се кандидира за реизбор во една од најконкурентните изборни единици, исто така ја осуди објавата. „Понекогаш е најдобро едноставно да кажеш ‘извини’ и да се подобриш“, изјави тој за Еј-би-си, додавајќи дека ваква содржина не треба да постои во Америка.
Ако објавата беше изолиран инцидент, тоа ќе беше една работа.
Но има сè повеќе докази дека ваквиот екстремизам е доминантна одлика на вториот мандат на Трамп, заклучува Си-ен-ен.






