недела, 14 декември 2025

Си-ен-ен: Путин нема да се сретне со Зеленски

И покрај сигналите од Вашингтон за можна средба меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски, Кремљ засега ја отфрла. Си-ен-ен оценува дека рускиот претседател не е подготвен, а можеби никогаш нема да биде, да седне со Зеленски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако Белата куќа соопшти дека идејата за билатерална средба е договорена, Кремљ веднаш ги намали очекувањата. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, кажа дека „имало дискусија за подигнување на нивото на претставниците на Русија и Украина“, но без да ги спомене самите лидери.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров додаде во интервју за државната телевизија дека Москва „не отфрла никаква форма на работа“, но истакна дека состаноците на највисоките функционери мора да бидат подготвени „со најголемо внимание“. Преведено од жаргонот на Кремљ – средбата Путин-Зеленски нема да се случи наскоро.

Путин ја почна војната со признавање на самопрогласените републики во Доњецк и Луганск. Оттогаш, не ја признава Украина како независна држава, но тврди дека е дел од руската историја и култура.

Аналитичарката Орисија Луцевич од аналитичката Чатам хаус вели дека средбата со Зеленски би била еден вид пораз за Путин: „Тој би морал да седне со претседател кого го смета за шега од земја што за него не постои“.

Кремљ систематски го доведува во прашање легитимитетот на украинскиот претседател, а официјалната реторика на Зеленски ја нарекува само „киевски режим“.

Татјана Становаја, аналитичарка од Центарот Карнеги Русија Евроазија, верува дека Путин го гледа американскиот претседател Доналд Трамп како клучен посредник. Русија очекува Вашингтон да изврши притисок врз Киев да направи отстапки за териториите што сè уште ги контролира.

Досега, Зеленски јасно ги одби таквите барања. Становаја додава дека Путин нема да ризикува „заседа“ во која сите услови би биле отфрлени. Наместо тоа, Русија би можела да предложи нови преговори во Истанбул, но со повисоко ниво на делегација.

Во понеделник, Трамп напиша на Truth Social дека „започнал подготовки за средбата меѓу Путин и Зеленски“. Но, веќе следниот ден призна дека прашањето не е договорено: „Јас некако го наместив, но тие се оние што одлучуваат“.

Сепак, Путин нема причина да брза. Тој доби самит со Трамп на Алјаска, американскиот претседател се откажа од условите за примирје пред преговорите, а заканите за санкции исчезнаа. Во меѓувреме, Русија ги засили своите напади – само во понеделникоѕ лансираше 270 беспилотни летала и 10 ракети кон украинските градови.

Како што заклучува Си-ен-ен, единствената непозната работа сега е – кого ќе обвини Трамп ако овој обид за преговори не успее.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ