понеделник, 9 март 2026

Си-ен-ен: Проектилот што паднал близу иранското училиште одговара на американски „томахавк“ (ВИДЕО)

Се појави нова снимка што прикажува, како што изгледа, американски воздушен напад врз зграда во рамките на поморската база на Корпусот на гардата на Исламската револуција (ИРГЦ) во Минаб. Базата се наоѓа непосредно до основно училиште во кое, според иранските државни медиуми, на 28 февруари загинале повеќе од 160 девојчиња, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Снимката, објавена од иранската полудржавна новинска агенција Мехр њуз, е првата што прикажува напад со проектил во тој дел и дополнително ги зајакнува доказите што им противречат на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој за нападот го обвини Иран.

На снимката, направена од блиско градилиште, се гледа проектил што по своите карактеристики одговара на американската крстосувачка ракета за напади врз копнени цели БГМ или УГМ 109 „томахавк“ (ТЛАМ). Американската морнарица користи ракети „томахавк“, кои се лансираат од нејзините површински бродови и од подморници.

Според достапните информации, Израел не го користи тој тип проектил. Додека камерата се поместува надесно, се гледа огромен столб од чад што се издига од правецот на училиштето Шајаре Тајиба. Во преден план се гледаат десетици луѓе како бегаат од нападот.

Сам Лејр, истражувач од Центарот Џејмс Мартин за студии за неширење на оружје, потврдил за Си-ен-ен дека проектилот од снимката одговара на американската крстосувачка ракета „томахавк“.

„Прво, визуелно одговара на карактеристиките на ТЛАМ. Има крстовидна форма со крилја поставени на средината и опашен склоп на задниот дел. Второ, видеото е снимено од оддалеченост од околу 250 метри од веројатното место на ударот, што значи дека станува збор за голем проектил. Тоа исклучува друго оружје со сличен изглед од американскиот арсенал, како што е ГБУ 69Б“, објасни Лејр.

Други експерти за оружје со кои разговарал Си-ен-ен се согласиле со оваа проценка. Тие додале дека проектилите ТЛАМ често се користат во почетните бранови на напади, пред воспоставувањето воздушна надмоќ.

Иако веднаш не беше јасно која зграда точно била погодена, анализата на Си-ен-ен укажува дека е погоден објект во или непосредно до медицинската клиника што ја управува ИРГЦ во рамките на базата.

Истрагите што минатата недела ги спровеле Си-ен-ен и други медиумски куќи веќе укажуваа на веројатна одговорност на САД за ударот. Сателитски снимки, геолоцирани видеа, јавни изјави на американски функционери и проценки на експерти укажуваат дека училиштето било погодено приближно во исто време кога американските сили најверојатно извршиле напад врз соседната поморска база.

Новата снимка прикажува чад во близина на базата во моментот на ударот, што сугерира дека и други локации во близина можеби биле погодени непосредно пред тоа.

„Геолоцираната снимка прикажува крстосувачка ракета како погодува една од централните згради во базата“, вели Лејр. Тој додава дека, иако видеото не го прикажува самиот момент на ударот врз училиштето, нападот врз него „најверојатно бил дел од истиот напад и би бил придружен со други, слични крстосувачки ракети“.

Си-ен-ен и натаму се обидува да дојде до снимки од остатоците од проектилот што го погодил училиштето. Таквите докази се клучни за конечно утврдување на одговорноста.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во неделата изјави дека САД сè уште го истражуваат овој напад.

Американскиот амбасадор: Го истражуваме нападот врз училиштето, понекогаш се случуваат трагични грешки

Американскиот амбасадор во Обединетите нации Мајкл Волц не сакаше целосно да ја потврди изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп дека Иран е одговорен за нападот врз иранско училиште за девојчиња во кој загинале најмалку 165 луѓе.

„Ќе им го оставам тоа на истражителите да го утврдат“, рече Волц во емисија на телевизијата Еј-би-си.

Нападот се случи во првите часови од војната, на 28 февруари, во училиште во јужниот град Минаб.

Њујорк тајмс во средата објави дека анализата укажува оти нападот најверојатно го извршиле американски сили за време на удар врз блиската поморска база.

Трамп во саботата изјави дека за смртоносниот напад е одговорен самиот Иран.

„Според моето мислење, врз основа на она што го видов, тоа го направил Иран“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион Ер форс уан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ