Според извештајот објавен во средата од страна на Светската метеоролошка организација (СМО) и Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство, има 70 отсто шанси глобалното загревање во следните пет години да надмине 1,5 Целзиусов степен, пишува Си-ен-ен.
Загревањето над 1,5 степен го зголемува ризикот од посериозни последици, вклучително и активирање на таканаречените „пресвртни точки“ во климатскиот систем. Научниците предупредуваат дека топењето на морскиот мраз и на глечерите наскоро би можело да достигне точка од која нема враќање, со драматични последици за зголемувањето на нивото на морето.
Исто така, постои 80 отсто шанса дека најмалку една година во следните пет ќе биде најжешката досега, се вели во извештајот.
Исто така, за прв пат се споменува, иако како мала можност, дека една од тие години би можела да има просечна температура за најмалку два степени повисока во споредба со ерата пред луѓето да почнат да согоруваат фосилни горива, кои ја загреваат планетата.
Метеоролозите ја проценуваат веројатноста за таков исход на еден процент, но нагласија дека дури и „ненултата“ шанса е значајна и го одразува зголемувањето на веројатноста за една година со 1,5 степен загревање во изминатата деценија.
„Штотуку ги доживеавме 10-те најтопли години откако почна мерењето. За жал, овој извештај на СМО не покажува никакви знаци на олеснување во наредните години, што значи дека негативните влијанија врз нашите економии, секојдневниот живот, екосистемите и планетата само ќе растат“, рече заменик-генералната секретарка на СМО, Ко Барет.
Глобалното загревање од 1,5 Целзиусов степен е дополнителен чекор кон поткопување на амбициозната цел на Парискиот климатски договор, кој многу земји, особено малите островски нации, го сметаат за клучен за нивниот опстанок. Договорот има цел да го ограничи загревањето на многу под 2 Целзиусови степени на долг рок, иако една година со таа температура не мора нужно да значи прекршување на целта на договорот.
Во извештајот се вели дека Арктикот се очекува да продолжи да се загрева многу побрзо од остатокот од светот – повеќе од 3,5 пати побрзо во текот на поларната зима.
Покрај топењето на мразот и зголемувањето на нивото на морето, секој дополнителен степен на загревање значи почести и поинтензивни временски екстреми, како што се топлински бранови и обилни врнежи.
Минатата година беше најтоплата досега и прва календарска година што ја надмина границата од 1,5 степен утврдена со Парискиот договор.
Во текот на изминатите пет години, светот беше погоден од сè потешки екстреми – од невидени топлински бранови до смртоносни поплави предизвикани од ненадејното зајакнување на ураганите како Хелена минатата година.
Извештајот на СМО и Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство се заснова на повеќе од 200 проекции од компјутерски модели произведени од 15 научни институти низ светот. Претходните петгодишни прогнози на групата се покажаа многу точни на глобално ниво, иако точноста е нешто помала кога станува збор за регионалните прогнози.