вторник, 17 март 2026

Си-ен-ен: Илјадници американски маринци се на пат кон Блискиот Исток

Американски воен брод за кој се верува дека превезува илјадници маринци и морнари на Блискиот Исток се приближува кон Малајскиот теснец и бил забележан кај Сингапур во вторник додека плови кон регионот. Амфибиско-јуришниот брод УСС Триполи утрово бил на југозападниот крај на Јужно Кинеско Море, според податоците од АИС системот за следење бродови. Бродовите на американската морнарица често пловат со исклучени транспондери, но во области со голем сообраќај како што се водите околу Сингапур, тие ги вклучуваат за побезбедна навигација, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се верува дека „Триполи“ превезува членови на 31-та морска експедициска единица (МЕУ), сила за брза реакција од 2.200 војници стационирана на Окинава. Според тројца службеници запознаени со плановите, распоредувањето на единицата е наредено од Пентагон.

Службениците потврдија дека единицата се испраќа на Блискиот Исток, но не сакаа да ја откријат точната локација или целта на нејзиното ангажирање. Седмата и Петтата флота на САД не одговориле веднаш на барањето за коментар. Морнаричката експедициска сила се состои од четири елементи: командни и копнени, воздушни и логистички борбени сили.

Тие обично се распоредуваат за мисии како што се евакуации и амфибиски операции кои вклучуваат истовар на брегови, како што се напади и јуриши. Единицата има копнени и воздушни борбени компоненти, а некои од нејзините единици се обучени за специјални операции.

Податоците од веб-страницата Маринтрафик ја покажуваат траекторијата на „неодреден американски воен брод“ кој испловил од Окинава на 11 март, поминал низ Јужно Кинеско Море и се приближувал кон Сингапур со брзина од околу 35 км/ч денес наутро.

УСС Триполи, чие матично пристаниште е Сасебо во Јапонија, е долг речиси 260 метри и има депласман од 45.000 тони. Во основа, тоа е мал носач на авиони што превезува „невидливи“ ловци Ф-35 и транспортни авиони МБ-22 „оспреј“, како и десантни бродови за транспорт на војници на брегот.

Бродот е команден брод на амфибиска борбена група, која обично ги вклучува амфибиските јуришни бродови УСС Њу Орлеанс и УСС Сан Диего. Сепак, нивното присуство во близина на УСС Триполи денес не можело да се потврди преку страниците за поморско следење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ