Кога тројца жители од кинеската провинција Сечуан во 2022 година им пишале на локалните власти прашувајќи зошто државата им ја одзема земјата и ги иселува од домовите, добиле краток одговор: станува збор за „државна тајна“.
Таа тајна, како што покажала истрагата на Си-ен-ен, се однесува на скриени планови на Кина значително да ги прошири своите нуклеарни амбиции.
Повеќе од три години по иселувањето, сателитските снимки покажуваат дека нивното село е срамнето со земја, а на негово место се изградени нови објекти, во кои се сместени некои од најважните кинески постројки за производство на нуклеарно оружје.
Ширењето на локациите во провинцијата Сечуан, забележано на сателитски снимки и потврдено со анализа на десетици кинески владини документи, ги поткрепува неодамнешните тврдења на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Пекинг спроведува најзначајна модернизација на нуклеарното вооружување во последните неколку децении, наведува Си-ен-ен.
Трамп следниот месец треба да го посети Пекинг, историска посета, каде што се очекува да се обиде да започне дијалог за договор со кој би се ограничиле нуклеарните амбиции на кинескиот лидер Си Џинпинг. Претходно оваа година истече најновиот договор за намалување на вооружувањето меѓу Русија и САД, познат како Њу СТАРТ, а Трамп сака нов, подобрен договор со Москва, кој би ја вклучил и Кина.
Сепак, драматичните промени забележани на локациите во Сечуан укажуваат дека развојот на нуклеарното оружје на кинеската војска, позната како Народноослободителна армија (НОА), не покажува знаци на забавување.
Еден од најголемите додатоци во тој регион е огромна купола со необичен облик, налик на бонбона тик-так, која се појавила на брегот на реката Тонгџијанг за помалку од пет години. Изгледа дека сè уште се опремува, што укажува дека сè уште не е во употреба.
Со површина од 3.345 квадратни метри – големина на 13 тениски терени – зајакнатата купола е затворена во конструкција од бетон и челик, со детектори за радијација и противексплозивни врати. Мрежа од цевки излегува од постројката и води до зграда со висок вентилациски оџак. Овие и други карактеристики, вклучително и сложени системи за вентилација, се дизајнирани да ги задржат високорадиоактивните материјали како ураниум и плутониум внатре во куполата, според мислењето на повеќе експерти.
Објектот, изграден во рамките на базата за нуклеарно оружје што одамна ѝ е позната на ЦИА, е опкружен со три слоја безбедносна ограда. Блискиот тунел исчезнува во планината. За да ги анализира поединечните карактеристики на локацијата позната како 906, Си-ен-ен составил повеќе од 50 снимки од различни фази на изградба во тридимензионален модел.
„Оваа зграда е речиси како Роршахов тест за најлошите стравови за тоа што прави Кина“, изјави Џефри Луис, експерт за глобална безбедност на Мидлбери колеџ.
„Овде гледате реконструкција на овој комплекс“, додаде тој, мислејќи на мрежата на нуклеарни локации околу округот Зитонг. „Овој објект е централниот дел и симбол на сите овие промени. Изгледа дека на крајот ќе постои значително поголем капацитет за производство.“
Новoобновени патишта ја поврзуваат локацијата 906 со најмалку уште три бази за нуклеарно оружје во тесните долини околу Зитонг. Проектот за изградба на куполата е означен како XTJ0001, според кинеските документи што ги анализирал Си-ен-ен.
Друго постројка, локацијата 931, се проширила кон селото Баиту, што довело до иселување на жителите. И селото Дашан е урнато за да се направи простор за развој на базата.
Исто така е значително модернизирана точката за претовар меѓу патниот и железничкиот транспорт што ја поврзува мрежата со западот на земјата – уште еден знак за сеопфатна обнова на објектите во Зитонг.
Кога шпионските сателити првпат ја снимиле оваа мрежа во 1971 година, американската разузнавачка заедница ја оценила како пресвртница. Со документите од кои е отстранета ознаката на тајност било заклучено дека таа ќе му овозможи на Пекинг да стане трет најголем производител на нуклеарни боеви глави.
Тоа се оствари околу 2020 година, кога Кина по бројот на боевите глави ја надмина Франција. Според Пентагон, Кина денес е најбрзорастечки производител на нуклеарно оружје, иако со нешто повеќе од 600 боеви глави сè уште заостанува зад САД и Русија, кои имаат најмалку четири пати поголеми арсенали.
Во февруари американскиот функционер Томас Динано ја обвини Кина за кршење на забраната за нуклеарни тестови, што Пекинг остро го демантираше. Американските разузнавачки служби исто така сметаат дека Кина тестира нова генерација боеви глави.
Портпаролот на кинеското министерство за одбрана Џијанг Бин изјави дека таквите тврдења „ги искривуваат фактите и ја клеветат Кина“, нагласувајќи дека земјата води одбранбена нуклеарна стратегија и политика на неупотреба на нуклеарно оружје како прва опција.
Сепак, необичните дизајни на некои објекти, како куполата кај реката Тонгџијанг, им даваат одредена тежина на тврдењата дека Кина го модернизира својот нуклеарен програм.
„Можно е на тие локации да се воведуваат нови процеси и да се произведуваат нови типови материјали“, изјави експертот Рени Бабијарц.
„Јасно е дека на теренот се случуваат многу промени.“ Тие промени можат да создадат „слепи точки“ за западните ривали. Аналитичарите истакнуваат дека размерите на модернизацијата укажуваат на темелна промена на технологијата на целиот систем.
Дополнителен доказ за модернизацијата е големата реконструкција на истражувачките институти околу 65 километри југозападно од Зитонг, во областа позната како „Град на науката“, која се смета за мозок на кинеската нуклеарна програма. Таму, според сателитските снимки, во 2022 година се урнати повеќе од 600 згради за да се изградат нови објекти.
Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека „не е запознаено со ситуацијата“, додека министерството за одбрана не одговорило на прашањата.
Промените околу Зитонг започнале во 2021 година, веднаш откако Си Џинпинг наредил забрзување на изградбата на стратегиско одвраќање.
Кина развила системи за рано предупредување што овозможуваат детекција на дојдовни проектили и возвратен напад пред нивниот удар.
Во случај на инвазија на Тајван, кинескиот нуклеарен арсенал би можел да служи како одвраќање за западните сили што би дошле во помош.
Во исто време, тој е клучен дел од визијата на Си за зајакнување на меѓународното влијание на Кина.
Постои страв дека неконтролираниот раст на кинескиот арсенал би можел да поттикне нова трка во вооружување, посложена од онаа од Студената војна.
Аналитичарите предупредуваат и дека САД би можеле да ги преценат кинеските капацитети, што дополнително би го поттикнало нуклеарното вооружување.
„Нема да одговараме на тоа што Кина навистина го прави, туку на тоа што мислиме дека го прави – односно на сопствените стравови“, рече Луис.
Во меѓувреме, Трамп во Пекинг би можел да се најде во незгодна позиција, бидејќи Кина, со посилна контрола над војската и развиена инфраструктура, има одредена предност во потенцијалната трка во вооружување.
Експертите сметаат и дека војната меѓу САД и Израел против Иран би можела дополнително да ја поттикне Кина да ја прошири својата нуклеарна програма.
„Ако сте Кина, нема да заклучите дека треба да се разоружувате“, изјави Луис.
Во едно оптимистичко сценарио, Пекинг би можел да се согласи на поширок дијалог за стратегиска безбедност, но без сериозни преговори за контрола на вооружувањето.
„Дури и тогаш, подготвеноста за дијалог би можела да биде доволна да го задоволи Трамп“, се заклучува.






