сабота, 7 март 2026

Си Џинпинг: „Здрава Кина“ до 2035 година останува клучна државна стратегија

Кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека изградбата на „здрава Кина“ до 2035 година претставува една од стратегиските цели на државата, нагласувајќи дека здравствениот систем мора да се развива во согласност со специфичните услови и потреби на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој зборуваше на средба со национални политички советници во рамките на Четвртата седница на 14. Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција. На состанокот присуствуваа претставници на повеќе политички организации и експерти од областите на здравството, медицината и социјалната заштита.

Си Џинпинг, кој е и генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и претседател на Централната воена комисија, ги сослуша нивните оценки и предлози за идниот развој на здравствениот систем.

Тој посочи дека следниот петгодишен план ќе биде особено важен период за остварување на целта за изградба на здрава Кина, поради што е потребно внимателно планирање и забрзано спроведување на реформите во здравствениот сектор.

Според него, Кина како голема земја во развој со значителни разлики меѓу урбаните и руралните средини мора да го гради здравствениот систем врз сопствените национални услови. Тој истакна дека иако се потребни постојани подобрувања и оптимизација на мерките, во основните принципи мора да се задржи јасна стратегиска насока.

Си Џинпинг нагласи дека изградбата на здрава Кина е сложен системски процес што бара координиран пристап и долгорочна политика.

Со оглед на растечките и сѐ поразновидни здравствени потреби на населението, приоритет треба да имаат мерките што имаат најшироко влијание врз системот и што носат конкретни придобивки за голем број граѓани.

Тој посочи дека посебно внимание треба да се посвети на јакнење на системот на јавно здравје, подобрување на квалитетот и ефикасноста на медицинските услуги и поттикнување здрав начин на живот.

Воедно, претседателот на Кина повика на подлабоки реформи и подобра координација меѓу медицинскиот сектор, здравственото осигурување и фармацевтската индустрија.

Тој нагласи дека технолошките иновации и дигиталната трансформација ќе имаат сѐ поголема улога во развојот на здравството, а паралелно со тоа треба да се вложува во обука на кадри, зајакнување на професионалната етика и создавање позитивна атмосфера во здравствениот сектор.

Си Џинпинг оцени дека остварувањето на целта за здрава Кина бара ангажман на целото општество и активна улога на советодавните институции во предлагањето практични политики и решенија.

Александар Дамовски,

Пекинг

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ