четврток, 29 мај 2025

Си Џинпинг: Русија и Кина се чувари на историската вистина

Кина и Русија треба заедно да ги бранат резултатите на победата во Втората светска војна и да се спротивстават на хегемонизмот и политиката на сила, порача кинескиот претседател Си Џинпинг во авторскиот текст за весникот Расискаја газета.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Си е меѓу светските лидери кои се во Москва за заедно со рускиот претседател Владимир Путин да ја одбележат 80-годишнината од победата над нацистичка Германија. Неговиот текст во целост го пренесе и кинеската новинска агенција Синхуа.

„Во крвта и жртвувањето создаденото братство на нашите два народи несопирливо тече напред, како силната Волга и Жолтата река. Таа е неисцрпен извор кој го храни нашето вечно пријателство“, напиша кинескиот претседател.

Кина и Советскиот Сојуз беа главните жаришта на војната во Азија и Европа, а нивниот придонес на отпорот против германскиот нацизам и јапонскиот милитаризам беше одлучувачки за победата во Светската антифашистичка војна, потсети Си.

Кинескиот лидер додаде дека поради тоа двете земји мора да бидат „чувари на историското паметење, партнери во развојот и обновата, заштитници на правдата во светот и ковачи на подобра иднина на човештвото“.

Си напомена дека пред 80 години светот се обедини против фашистичките војски, но дека денес мирот го загрозуваат „едностраноста, хегемонизмот и силеџиството“.

„На светот му е потребна правда, а не хегемонизам“, порача кинескиот претседател.

Русија и Кина мора решително да го штитат авторитетот на Обединетите нации, кои се една од најважните придобивки на поредокот воспоставен во 1945, напомена Си, додавајќи дека двете земји треба да ги искористат своите врски и стратегиската координација за да го забрзаат патот кон мултиполарен поредок.

Секој обид да се искриви или ревидира историската вистина на Втората светска војна, или да се намали придонесот на Советскиот Сојуз или Кина, „е осуден на пропаст“, бидејќи ни тие две земји ни остатокот од светот нема да трпи обиди да се сврти текот на историјата, заклучи кинескиот претседател.

Европската Унија претстојната парада во Москва ја опиша како „спротивна на европските вредности“ и се закани со одмазда на оние кои ќе присуствуваат на неа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ