вторник, 16 декември 2025

Шведскиот премиер го обвини Орбан за „скандалозни лаги“

Шведскиот премиер Улф Кристерсон го обвини Виктор Орбан дека лаже откако унгарскиот премиер порача дека Шведска „паднала во варварство“ поради малолетничкиот криминал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повикувајќи се на статија во германскиот весник Велт за криминални банди кои регрутираат тинејџерки за насилни дела, Орбан рече дека 284 малолетници биле уапсени во Шведска за убиство.

Сепак, Велт никогаш не известил за стотиците апсења, но напишал дека околу 280 девојки на возраст од 15 до 17 години биле под истрага за насилни злосторства, вклучувајќи убиство, убиство од небрежност и напад.

Според шведските официјални податоци, вистинскиот број на потврдени убиства во 2024 година бил 92.

Орбан го искористи шведскиот пример за тврдењата дека „законот и редот се уриваат“ во таа земја и дека Стокхолм „ја напуштил европската цивилизација“ во последните 15 години. Неговите изјави се придружени со видеа на кои се прикажани шведската полиција и местата на злосторствата.

Кристерсон ја нарече изјавата на Орбан „скандалозни лаги“ и го обвини за поткопување на владеењето на правото во Унгарија, додека шири дезинформации пред изборите во април 2026 година. „Орбан е очаен“, порача шведскиот премиер на социјалната мрежа Икс.

Ова е најновиот во низата спорови меѓу владите на Унгарија и Шведска. Унгарија беше последната членка на НАТО што го ратификуваше пристапувањето на Шведска и постојано го одложуваше процесот, тврдејќи дека Стокхолм лажел за состојбата на унгарската демократија.

Во извештајот на Европската комисија за владеењето на правото од 2025 година се наведува дека Унгарија се соочува со системски недостатоци во независноста на судството и интегритетот на јавната администрација, како и дека има постојани проблеми со медиумскиот плурализам и корупцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ