Трамп повеќепати го користеше овој аргумент за да ги оправда своите планови за анексија на островот, богат со ретки земни метали, во наредните недели или месеци.
Европските лидери досега беа внимателни во јавното критикување на тврдењата и стратегијата на Трамп за преземање на островот од Данска. Јонсон е првиот висок функционер од НАТО што, во знак на поддршка за соседна Данска, јавно изрази сомнеж во тврдењата на американскиот претседател дека Гренланд е „преполн со руски и кинески бродови“.
На прашањето дали Трамп го преувеличува бројот на непријателските бродови околу Гренланд, Јонсон одговори: „Ако тврдите дека Гренланд е преплавен со руски и кинески пловила, тоа е претерување според проценките што ги правиме за регионот.“ Тој наведе дека, иако има зголемување на бројот на кинеските истражувачки бродови во Арктикот, обемот на тоа е „ограничен“.
„Не мислам дека тоа треба да се преувеличува, главно станува збор за истражувачки пловила“, додаде Јонсон. Неодамнешните податоци од системите за следење на пловила на МаринТрафик и ЛСЕГ не покажале присуство на кинески или руски бродови во близина на Гренланд. Дански безбедносни експерти, исто така, остро ги отфрлија тврдењата на Трамп, велејќи дека бродовите за кои зборува се „плод на неговата имагинација“.
Јонсон рече дека нордиските земји се свесни дека Русија има „намера повторно да воспостави неколку воени капацитети што Москва претходно ги имала на Арктикот“. Но нагласи дека Шведска, заедно со сојузниците од НАТО, е подготвена да распореди специјални единици и воени сателити.
„Имаме арктички и субарктички капацитети“, рече тој. „Едно е да можеш да преживееш во таква средина, а друго е да можеш да се бориш, а нашите војници – како и норвешките и финските – ги имаат тие способности.“ Тој додаде дека Шведска инвестира во набавка на до 10 воени сателити за подобар увид во состојбата.
Како одговор на заканите, Данска во средата испрати трупи на Гренланд на воена вежба и најави дека сојузниците ќе го прошират военото присуство. Германија, Франција, Шведска и Норвешка ќе ѝ помогнат на Данска во зацврстувањето на безбедноста на Гренланд. Велика Британија испрати еден воен офицер, а Германија најави дека ќе испрати 13.
И покрај напорите за зајакнување на безбедноста, останува неизвесно дали ќе дојде до деескалација, бидејќи Трамп се чини непоколеблив во намерата САД да го преземат островот. Повеќепати одби да ја исклучи можноста за воена акција против Данска, иако станува збор за сојузник во НАТО. Запрашан дали би бил подготвен да го напушти НАТО за со сила да го преземе Гренланд, Трамп изјави дека не исклучува ниту една опција.
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека нападот врз сојузник од НАТО би значел крај на алијансата. Во средата Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл напиша: „НАТО: кажете ѝ на Данска да ги тргне од таму, ВЕДНАШ! Две санки со кучиња нема да го решат тоа! Само САД можат!!!“
Тој инсистираше дека преземањето на Гренланд е клучно за неговиот планиран систем за противракетна одбрана „Златна купола“, додавајќи: „НАТО станува далеку помоќен и поефикасен со Гренланд во рацете на САД. Сè освен тоа е неприфатливо“.
Коментарите на Трамп беа објавени неколку часа пред состанокот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио со данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивиан Моцфелд.
Разговорите не ги намалија европските стравувања, а Расмусен по состанокот изјави дека и понатаму постои „суштинско несогласување“ околу сопственоста на Гренланд. Тој повтори дека Гренланѓани не сакаат да бидат дел од САД, но дека соработката и зајакнувањето на одбраната ќе продолжат.
Трамп претходно се обиде да ги омаловажи данските напори за зајакнување на безбедноста. „Знаете ли што направи Данска неодамна за да ја зголеми безбедноста на Гренланд? Додадоа уште една санка со кучиња“, им изјави тој на новинарите.
Со тоа алудираше на проширувањето на данската арктичка специјална единица Сириус патрола, која користи санки со кучиња. Проширувањето е дел од поширок одбранбен пакет вреден 4,8 милијарди фунти, што Копенхаген го вети како одговор на критиките на Трамп.
На крајот, Јонсон нагласи дека пошироката загриженост на администрацијата на Трамп за Арктикот е легитимна. „Кога станува збор за можноста за поголемо присуство во арктичкиот регион, за да бидеме поодлучни во однос на кинеските и руските активности таму, ние секако сме позитивни кон тоа“, рече тој, додавајќи дека влезот на Шведска и Финска во НАТО значително го насочил фокусот на алијансата кон Високиот север.






