среда, 18 февруари 2026

Шведска размислува за хемиска кастрација на осудените педофили

Шведската владејачка Умерена партија предложи да се разгледа воведување на хемиска кастрација за осудените педофили, поврзувајќи ја со условно пуштање за да се зајакне борбата против сексуалната злоупотреба на деца, објави шведскиот јавен радиодифузен сервис СВТ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за правда Гунар Штремер изјави дека партијата планира да ја оцени мерката по претстојните избори, наведувајќи примери од други земји каде што хемиската кастрација се користи „успешно“.

„Мерката би се базирала на доброволност, до степен до кој лицето кое го прима третманот мора да се согласи со него. Сепак, може да се поврзе со условна слобода, што значи дека лицето би морало да се согласи на одреден третман за да биде предвремено ослободено“, кажа Штремер.

Тој нагласи дека законот би барал внимателно разработување со цел да се обезбеди правна сигурност и предвидливост, посочувајќи дека уставни измени нема да бидат потребни бидејќи присилните телесни интервенции се веќе забранети.

Предлогот има одек и кај другите шведски политички партии. Лидерката на христијанските демократи Еба Буш неодамна побара сличен закон, додека лидерот на шведските демократи Џими Акесон предложи хируршка кастрација на педофилите како алтернатива на доживотниот затвор.

„Ќе преземеме одговорност и ќе се погрижиме ова да се спроведе. Ова се прашања кои беа отворани и претходно. Мислам дека сега стигнавме до точката каде што мора сериозно да се справиме со тоа“, кажа Штромер, нагласувајќи ја посветеноста на неговата партија на борбата против сериозниот криминал.

Предложените мерки вклучуваат и воспоставување регистар на сторители со висок ризик и воведување „дигитални превентивни забрани за пристап“. Ова би го ограничило користењето на мобилни телефони или компјутери на сторителите кои се оценети како ризични, по примерот на практиката во Обединетото Кралство.

Штромер објасни дека дигиталните ограничувања имаат за цел зајакнување на превенцијата од сексуални злосторства.

„Ова би можело да значи дека на лице со висок ризик му е целосно забрането да користи мобилен телефон или компјутер. На пример, би можело да му се ограничат интернет страниците кои смее да ги посетува. Целта е да се биде многу поодлучен во превентивното дејствување“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ