четврток, 29 мај 2025

Што уште му остана на Израел да бомбардира во Газа?

Планот на Израел да ја прошири својата офанзива во Газа, да ги расели луѓето во енклавата и да ја преземе контролата врз дистрибуцијата на хуманитарната помош ги ужаснува жителите на Газа, кои веќе претрпеа повеќекратни раселувања и недостиг на храна за време на 19-месечниот конфликт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израел го блокира влегувањето на секаква помош во Газа од 2 март, кога пропадна двомесечното примирје со Хамас, кое го подобри пристапот на жителите на Газа до храна и лекови и им овозможи на многумина да се вратат во своите домови.

За Аја, 30-годишна жителка на Газа, која се вратила дома со своето семејство за време на прекинот на огнот по месеци минати во јужниот дел на Газа, објавата на Израел во понеделникот предизвика стравувања дека тие би можеле повторно да бидат убиени или раселени на неодредено време.

„Дали овој пат ќе умреме?“, прашува таа во порака преку апликација за допишување.

„Дали повторно ќе нè преселат? Дали ќе завршиме во Рафа, и дали тоа ќе биде последен пат, или ќе нè избркаат од Газа по Рафа?“, вели таа за Ројтерс.

На погребот на неколку лица убиени во израелскиот воздушен напад врз една зграда во Газа во понеделникот, Мохамед ал-Сеикали рече дека ситуацијата е толку ужасна што е тешко дури и да се сфатат плановите на Израел да ја засили офанзивата.

„Нема ништо што останало во Појасот Газа што не било погодено од ракети и експлозивни буриња, а тие сè уште се закануваат дека ќе ги прошират своите операции“, рече тој. „Прашувам пред целиот свет – што уште остана за бомбардирање?“

Вчера, во израелски воени напади се убиени најмалку 13 Палестинци низ Газа, соопштија локалните здравствени власти.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека проширената воена операција ќе биде „интензивна“ и дека ќе вклучува задржување на окупираните територии и преселување на Палестинците „заради нивна безбедност“.

Десничарскиот министер за финансии на Израел, Безазел Смотрих, вчера, според Гардијан, се закани дека „Газа ќе биде целосно уништена“ како резултат на израелската воена победа и дека палестинското население „ќе замине во голем број во трети земји“, што предизвика страв од етничко чистење на окупираната територија.

Израелски функционер за Ројтерс изјави дека планот би вклучувал преместување на цивилното население подалеку на југ и контрола на дистрибуцијата на помош за да се спречи храната да стигне во рацете Хамас. Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА) вчера го отфрли планот како „спротивен од она што е потребно“.

Тамер, жител на Кан Јунис во јужниот дел од Појасот, рече дека се плаши оти Израел би можел да наметне свој систем на тријажа за да одлучи кој ќе добие храна.

„Дали ќе апсат луѓе и ќе убиваат други пред да ги пуштат останатите во областите клои тие ги одредиле?“ прашува тој.

Населението на Газа од 2,3 милиони жители се бори со екстремен недостиг на храна – многумина јадат само еден оброк на ден. Светската програма за храна на 25 април објави дека им снемало залихи од храна во Појасот Газа.

Брашното често е невозможно да се најде, а кога ќе се појави вреќа, може да чини и до 500 долари, во споредба со 25 шекели (околу 7 долари) пред војната, вели Аја.

„Тие нè изгладнуваат за да се согласиме на што било. Ние само сакаме крај на војната. Нека ги земат своите затвореници (израелските заложници) и нека ја завршат војната. Доста е“, додаде таа.

Некои жители јадат плевел и лисја, додека рибарите се свртеле кон фаќање морски желки и продажба на нивното месо, пишува Ројтерс.

Израелските власти тврдат дека сè уште има доволно храна во Газа, иако началникот на израелската армија го предупреди политичкото раководство дека помош мора наскоро да биде испратена.

Хамас, исламистичката милитантна група која владее со Газа од 2007 година, го обвинува Израел дека „користи храна како оружје во својата војна против народот на Газа“. Хамас објави дека нема смисла да се преговара за примирје со Израел и ја повика меѓународната заедница да ја запре „војната на гладот“ на Израел против Газа.

Сепак, висок функционер на Хамас изјави дека палестинската милитантна група ќе биде отворена за пет до седумгодишно примирје со Израел доколку бидат исполнети одредени строги услови.

Војната почна откако Хамас упадна во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, каде, според израелски податоци, биле убиени 1.200 луѓе, а 251 лице биле земени како заложници.

Од тогаш, во израелската офанзива во Газа се убиени повеќе од 52.000 Палестинци, главно жени и деца, според локалните здравствени власти, а поголемиот дел од Газа е срамнет со земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ