вторник, 10 февруари 2026

Што се крие зад масовните отпуштања во Вашингтон пост

Масовните отпуштања во Вашингтон пост, еден од највлијателните светски весници, го отворија прашањето кое се поставува сè погласно во американските и европските медиумски кругови: дали станува збор за неизбежна криза на новинарството или за свесна одлука на сопственикот, милијардерот Џеф Безос, да ја ослабне редакцијата, која политички и деловно му станала товар?

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот на февруари весникот отпушти повеќе од 300 вработени, речиси една третина од редакцијата, вклучувајќи голем дел од спортскиот и меѓународниот тим. Кратко потоа, извршниот директор и издавач Вил Луис поднесе оставка, додека финансискиот директор Џеф Д’Онофрио ја презеде работата. Поранешниот главен уредник на Вашингтон пост, Мартин Барон, кој го водеше весникот од 2013 до 2021 година и освои 11 Пулицерови награди за време на неговиот мандат, отворено го обвини Безос за продлабочување на кризата.

„Во Вашингтон пост работите драматично се влошија поради однесувањето на сопствениците“, кажа Барон во интервју за Ем-ес-ен-би-си. Според него, Безос лично влијаел врз уредувачката политика на весникот, ја прекинал традиционалната претседателска поддршка на демократите во 2024 година и систематски ја менувал рубриката за мислења, отстранувајќи ги авторите кои биле „суштински лево од центарот“. „Тоа сериозно го оштети угледот на весникот“, оцени Барон.

Барон верува дека Безос повеќе не го гледа Вашингтон пост како јавно добро, туку како потенцијален ризик. „Тој се плаши од одмазда од Доналд Трамп, според мене“, кажа Барон, потсетувајќи на деловните интереси на Безос – од Амазон, кој има огромни договори со американската влада, до вселенската компанија Блу ориџин, која исто така зависи од федералното финансирање.

Сличен став изразува и колумнистот на Слејт Алекс Кирхнер, кој во статија под наслов „Џеф Безос го уби Вашингтон пост“ тврди дека економските причини не се одлучувачки. „Човек чие богатство се проценува на повеќе од 240 милијарди долари не се грижи за годишна загуба од 100 милиони долари“, пишува Кирхнер. „Безос сакал контролирано согорување на весникот, бидејќи моќен, добро финансиран Вашингтон пост не одговара на неговите интереси“.

Кирхнер потсетува дека Безос, откако го спречи весникот да ја поддржи Камала Харис, изгубил околу 250.000 претплатници, но и покрај ова, тој продолжил да ја ослабува редакцијата. Особено е симболично што меѓу отпуштените била и новинарката Каролин О’Донован, која известувала токму за Амазон – компанијата во сопственост на човекот што го контролира весникот.

Додека ја гаси редакцијата, Безос истовремено покажа спремност да инвестира огромни суми пари во политички чувствителни проекти. Според Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Амазон потрошил 35 милиони долари за промоција на филмот за првата дама на САД, Меланија Трамп, а потоа продуцентската куќа на Безос ги купила правата за документарецот „Меланија“ за дополнителни 40 милиони долари, што го прави најскапиот документарец во историјата.

„Одвратно е што еден од најбогатите луѓе во светот е повеќе заинтересиран да ја купи наклонетоста на претседателот отколку да инвестира во новинари кои ја штитат демократијата“, изјави претседателот на Њузгилд ЦВА, Џон Шлус, синдикатот кој ги обединува вработените во весниците.

Слично предупредува и претседателката на ЕФЈ Маја Север, која смета дека Безос „ја завршува својата амбиција да го претвори Вашингтон пост во гласило на пробизнисменска, промилијардерско пропаганда “. „Ова е предупредување и за Европа, каде што концентрацијата на медиумски капитал се заканува да го уништи медиумскиот плурализам“, кажа Север.

Мартин Барон како можен излез го гледа претворањето на весникот во непрофитна институција со независен одбор на директори, со краткорочно финансиско учество од самиот Безос. Сепак, тој самиот признава дека шансите за тоа се мали. „Многу претплатници што си заминаа би се вратиле, но веројатноста тоа да се случи е многу мала“, кажа тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ