Во интервју за Гардијан, пред средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон, Санчез, исто така, оцени дека Америка предводена на Доналд Трамп се обидува да го уништи повоениот глобален поредок базиран на правила кој самата го создаде.
Тој ги бранеше придобивките од миграциите и ги критикуваше традиционалните десничарски партии за поткопување на консензусот за климатската криза со копирање на политиките на нивните популистички ривали.
Санчез е првиот висок европски лидер кој го обвини Израел за геноцид во Газа, и кажа дека е задоволен што другите европски земји ја следат Шпанија во признавањето на палестинската држава, но призна дека европскиот одговор бил слаб.
„Тоа е неуспех. Апсолутно. Реалноста е дека земјите во ЕУ се поделени кога станува збор за тоа како да влијаат врз Израел. Но, според мене, ова не е прифатливо и не можеме да траеме долго ако сакаме да го зголемиме кредибилитетот кога станува збор за други кризи, како онаа во Украина“, рече Санчез.
„Корените на овие војни се сосема различни, но светот гледа кон ЕУ и западното општество и прашува: „Зошто применувате двојни стандарди кога станува збор за Украина и кога станува збор за Газа?“
Европа мора да дејствува
Санчез истакна дека се обидува да ја натера Европа да направи повеќе, вклучително и финансиско казнување на Израел.
„Она што го гледаме сега во Газа е можеби едно од најмрачните поглавја од меѓународните односи во 21 век. Шпанија беше многу гласна во рамките на ЕУ и меѓународната заедница. Во рамките на ЕУ, досега се залагавме за прекин на стратегиското партнерство на ЕУ со Израел“, кажа тој.
Санчез, кој е во судир со Трамп поради одбивањето на Шпанија да издвои 5 отсто од БДП за војската, истакна дека Шпанија е „сигурен партнер“ во НАТО и сака да го зачува „најдобриот однос со САД“, без оглед на тоа кој е во Белата куќа.
„Со сета должна почит, нашиот пристап кон САД е прагматичен. Во исто време, мислам дека имаме поинаква визија за тоа како да се соочиме со глобалните предизвици. Голема грешка е да се напушти Парискиот договор и да се намалат придонесите за помош кон Светската здравствена организација. Нашето општество се соочува со глобални предизвици кои не познаваат граници и ние мора да ја зајакнеме соработката“, кажа тој.
Зголемување на европското влијание
Санчез предупреди дека повлекувањето на Америка од глобалните институции им овозможува на другите играчи поголемо меѓународно влијание.
„Најшокантната реалност е дека главниот архитект на меѓународниот поредок – САД по Втората светска војна – сега го ослабува тој поредок. Ова не е добро ниту за американското општество, ниту за остатокот од светот, особено за западните земји. Затоа мислам дека ЕУ и Велика Британија имаат можност да го зајакнат своето влијание“, кажа тој.
Тој додаде дека иако останува лојален на трансатлантските врски, европските земји можат да го зајакнат своето влијание ако дејствуваат морално и доследно.
„Ова значи дека мора да избегнуваме двојни стандарди. Ова значи дека мора да ја зајакнеме нашата посветеност на Зелениот договор. Треба да имаме хуманитарна и морална визија – но и прагматична – кога станува збор за миграцијата.“
Миграцијата како можност
Санчез ги истакна предностите на миграцијата и рече дека тие се можност да се одговори на економските и пазарните предизвици, како и да се финансира државата на благосостојба.
„Дилемата на западните општества е дали ќе бидеме отворено и растечко општество или затворено и опаѓачко. Мнозинството шпански граѓани добро разбираат дека миграцијата не е само морална обврска, туку и можност“, кажа тој.
Климатската криза и десничарските партии
Санчез предупреди дека десничарските партии ги поткопуваат напорите за борба против климатската криза со копирање на екстремната десница.
„Проблемот е што традиционалните десничарски партии можеби не ја негираат научната реалност, но се однесуваат како климатските промени да не постојат. Тоа е најголемата грешка што ја прават и со која се соочуваме во Шпанија“, рече тој.
Борбата против корупцијата
Премиерот истакна дека неговата малцинска влада е економски и социјално успешна, и покрај низата обвинувања за корупција што ја потресоа неговата администрација. Санчез истакна дека опозицијата не нуди реална алтернатива, туку само регресија, додека неговата влада продолжува да спроведува проект што беше започнат пред седум години.
„Најважната порака до граѓаните е дека насоката во која оди земјата е правилна, а не апстрактна“, заклучи тој.






