Санчез во Брисел, во пресрет на почетокот на состанокот на Европскиот совет, на кој учествуваат шефовите на држави или влади на 27-те членки на Европската Унија, им се обрати на новинарите. „Високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика, Каја Калас, доби увид во извештајот на известувачот за човекови права, каде што се вели дека е можно Израел да го крши вториот член од договорот што ЕУ го има со Израел, кој е поврзан со човековите права“, кажа Санчез.
„Верувам дека е и повеќе од очигледно дека Израел го прекршува членот 2, па затоа денес ќе се залагам во рамките на Европскиот совет Европа да го суспендира договорот со Израел. Ова мора да се случи веднаш“, додаде тој.
Правната основа за трговските односи на ЕУ со Израел е Договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Израел, кој е на сила од јуни 2000 година. Тој договор ја воспостави правната и институционалната рамка за политички дијалог и економска соработка. Членот 2 утврдува дека почитувањето на човековите права и демократските принципи е „суштински елемент“ на договорот.
„Нема смисла што воведовме 18 пакети санкции против Русија за нејзината агресија врз Украина и Европа, и дека поради двојни стандарди не сме во можност да суспендираме еден трговски договор кога е толку очигледно дека Израел го крши Членот 2 од договорот“, порача Санчез.
Шпанскиот социјалист забележа дека министрите за надворешни работи на сите 27 земји го добиле извештајот на известувачот за човекови права за „катастрофалната ситуација на геноцид извршен во Појасот Газа“. Минатата година, Шпанија ја призна државата Палестина во границите од 1967 година, на што Израел реагираше со повлекување на својата амбасадорка од Мадрид.
Санчез денес повтори дека неговата земја има намера да издвои 2,1 отсто од БДП за вооружување, а не 5 отсто како што најави НАТО на состанокот на своите членки во Хаг еден ден претходно. На новинарското прашање дали е „загрижен за заканата“ што му ја испрати американскиот претседател Доналд Трамп, незадоволен што Шпанија не сака да ги удвои трошоците за оружје во следните десет години, Санчез одговори дека Шпанија е солидарна и посветена на соработка со земјите од НАТО, но е и суверена земја.
Трамп вчера изјави дека лично ќе преговара за трговски договор со Шпанија, кој ќе ја принуди Шпанија да „плаќа дупло“ за оружјето. „Јасно е дека трговската политика во Европската Унија е водена од Брисел. Ние сме во единствена пазарна царинска унија, а трговската политика ја преговара Брисел во име на сите земји членки“, им кажа Санчез на новинарите.
Тој истакна дека откако Трамп воведе царини за европските производи, Европската комисија конструктивно преговара со американската администрација со цел да воспостави нови трговски правила. Со помирувачки тон, тој потврди дека Шпанија е отворена земја и пријател на своите пријатели. „Ги сметаме САД за пријатели на Шпанија“, порача тој.