понеделник, 2 март 2026

Шпанскиот премиер: Нападот врз Иран е неоправдан

„На многу опасен начин нагло се впуштаме во сè понестабилен свет“, рече Педро Санчез.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шпанија предупреди дека американско-израелскиот напад врз Иран е „неоправдан“ и побара „максимална воздржаност во употребата на сила“, со што зазеде став спротивен на Германија, Франција и Велика Британија, кои во заедничко соопштение известија дека ќе соработуваат со САД „во одбрана на своите интереси“ против Иран.

„Се наоѓаме на раскрсница и мора да избереме пат. Војна или мир, напредок или неуспех, иднина или минато. Шпанија е јасна во тоа“, изјави премиерот Педро Санчез за време на обраќањето во Барселона на отворањето на телекомуникациската конференција Мобилен светски конгрес во неделата навечер.

Санчез предупреди на последиците од „опасниот преседан на систематско прибегнување кон сила надвор од меѓународното право“ и повторно го осуди „прекршувањето на човековите права“ на места како Газа и Западен Брег, како и „прекршувањето на меѓународното право“ во Венецуела.

„Нагло се впуштаме на многу опасен начин во свет што станува сè понестабилен, понебезбеден, повоинствен и затоа понеправеден за обичните луѓе“, рече тој.

Уште еднаш истакна дека САД и Израел „еднострано“ го нападнале Иран без да ја земат предвид меѓународната заедница.

„Обезглавија еден страшен режим што го угнетува своето општество, тоа е вистина“, рече. „Но го поткопаа меѓународното право и доведоа до невини жртви.“

Лидерот на десничарската шпанска опозиција, конзервативецот Алберто Нуњез Феихоо, му порача да одлучи дали е „за слободата или за тираните“.

Санчез одговори дека тоа е лажна дилема.

„Може да бидеш против ужасен режим како иранскиот, а истовремено и против неоправдана воена интервенција“, изјави премиерот.

Истакна дека САД и Израел го вовлекле „целиот регион во терор што создава несигурност и глобална нестабилност“.

Поради сето тоа повторно повика на деескалација, почитување на меѓународното право и ја нагласи „итноста“ од повторно започнување на дијалог што е можно поскоро. Порача дека Шпанија тоа ќе го бара во разговорите со другите земји.

Кралот Фелипе Шести, за време на говорот на Мобилниот светски конгрес, предупреди на „критичната ситуација“ кон која се движи Блискиот Исток.

„Постои ризик од регионална ескалација со непредвидливи последици“, рече.

Монархот побара „максимална умереност во употребата на сила“ за да се избегне „хаотична ситуација и безобѕирно угнетување“. Во својот говор ги бранеше дијалогот, мирот и соработката во меѓународната заедница, откако се осврна на војната во Украина, која трае веќе четири години без „јасен пат кон мир“.

Затоа повика да се остане „постојан“ во одбраната на „етичката димензија на човештвото“ и неговите вредности и начела, кои се „универзални“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ