вторник, 16 декември 2025

Шпанија укинува повеќе од 50.000 туристички апартмани

Шпанската влада планира да отстрани повеќе од 53.000 нелегални апартмани за одмор од онлајн платформите. Овие станови наскоро ќе ги користи редовниот пазар на недвижности и ќе им бидат достапни на „младите луѓе и семејствата од нашата земја“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на партиски состанок во Малага, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Санчез, станува збор за станови чии сопственици поднеле барање за регистрација, задолжително од 1 јули, но не го добиле бидејќи не ги исполнуваат законските услови. „Илјадници неправилности“ се пронајдени во многу од тие станови, кажа тој.

Особено многу вакви случаи се регистрирани во Севиља (2.289), Марбеља (1.802), Барселона (1.564), Малага (1.471) и Мадрид (1.257), објави РТВЕ. Министерството за домување веќе ги известило различните платформи за изнајмување да ги отстранат понудите за вкупно 53.876 нелегални сместувачки единици.

Санчез објасни дека мерката е дел од стратегијата на неговата левичарска влада за враќање на домувањето на неговата примарна намена – домување. Целта е да се потисне нелегалното изнајмување од туристи и да се подобри квалитетот на живот во градовите. Владата веќе отстрани десетици илјади станови од платформата Ербиенби.

Шпанија се соочува со криза во домувањето која се влошува секоја година. Здруженијата на станари и други организации веруваат дека причината за таквата ситуација е, меѓу другото, зголемениот број станови за туристи. Нивниот број, според проценката на Државниот институт за статистика ИНА, неодамна изнесувал околу 400.000. Според податоците на властите, во овој сегмент е забележан годишен раст до 15 отсто.

На почетокот на април, десетици илјади луѓе низ целата земја протестираа против растечката криза со домувањето под мотото „Да го завршиме бизнисот со становите“. Демонстрантите бараа крај на шпекулативните зделки со недвижности, повеќе социјални станови и крај на претворањето на становите во станови за туристи. Во таа популарна туристичка земја, луѓето често излегуваат на улиците и организираат протести против масовниот туризам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ